КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА И ЕБРД: 2 МИЛИОНА ЕВРА ЗА МАЛИ И СРЕДНИ БИЗНИСИ
➢ Од компаниите (16.05.2022, во 09:50:24)
👁 Прочитано: 1703




КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА И ЕБРД: 2 МИЛИОНА ЕВРА ЗА МАЛИ И СРЕДНИ БИЗНИСИ Кликни за повеќе

Со нова кредитна линија од 2 милиони евра Комерцијална банка ќе ги поддржи малите и средните претпријатија за поттикнување на нивните бизниси во пост-ковид периодот. Кредитната линија е обезбедена од Европската банка за обнова и развој, а е дел од новата Програма на ЕБОР за поддршка на малите и средните фирми со цел опоравување на малите бизниси по забавениот раст предизвикан од пандемијата.

Договорот за кредитот беше потпишан  за време на Годишното собрание на ЕБОР во Маракеш, Мароко, со што Комерцијална банка е првата банка од земјава што се приклучи на оваа Програма (12.5.2022  година).

Комерцијална банка ќе ги намени средствата за кредитирање мали фирми со цел да им овозможи инвестиции во зелени технологии и во подобрување на стандардите, процесите и на нивната конкурентност на домашниот и на меѓународниот пазар преку усогласување со меѓународните и стандардите на ЕУ.

-Продолжуваме со нашите напори за поддршка на домашната економија во пост-пандемискиот период. Ни претставува задоволство што можеме да им помогнеме на малите и средните претпријатија со кредитната линија од ЕБОР во износ од 2 милиони евра. Особено ни е драго што средствата од оваа кредитна линија се примарно наменети за инвестиции во зелена технологија и конкурентност, што е во согласност со нашата посветеност за поддршка и придонес за развој на одржливи бизниси, – изјави Маја Стевкова Штериева, главен финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка.

Франсис Малиж, генерален директор на Групацијата за финансиски институции на ЕБОР, истакна дека „им претставува задоволство што можат заедно со Комерцијална банка Скопје повторно да пружат поддршка на локалните мали и средни претпријатија“.

-Средствата ќе им помогнат на малите бизниси да инвестираат во современи технологии и да се опорават од негативните ефекти предизвикани од пандемијата, – изјави Малиж.

Околу 70% од поддршката преку оваа Програма ќе бидат алоцирани за инвестиции во заштеда на енергија и зелени технологии, додека останатиот дел е за поддршка на инвестиции во автоматизација, зголемување на продуктивноста, квалитетот и безбедноста на производите.

Дополнителна корист за претпријатијата ќе биде грант компонентата, која достигнува до 15% од износот на кредитот. Грантовите се финансирани од Норвешка, Луксембург и САД, како и од други донатори кои се очекува да учествуваат во поддршката.

Комерцијална банка е долгорочен партнер на ЕБОР во поддршката на малите и средните претпријатија во земјава и досега има пласирано кредити во износ од над 7 милиони евра преку Програмата за поддршка на конкурентноста на МСП.

Служба за информирање при Комората