ЕФЕКТИТЕ ОД ГЛОБАЛНИОТ МИНИМАЛЕН ДАНОК ВРЗ ДОБИВКИТЕ НА КОМПАНИИТЕ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
➢ Актуелно (29.03.2024, во 11:40:00)
👁 Прочитано: 174




ЕФЕКТИТЕ ОД ГЛОБАЛНИОТ МИНИМАЛЕН ДАНОК ВРЗ ДОБИВКИТЕ НА КОМПАНИИТЕ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈАКликни за повеќе

Советот на странски инвеститори заедно со PwC Северна Македонија на 28.03.2024 во Стопанската комора на Македонија организираа презентација на тема „Ефектите од глобалниот минимален данок врз добивките на компаниите во Северна Македонија“.

Се разговараше за GloBe правилата и начинот на пресметување и плаќање на глобалниот минимален данок, како и ефектите што тој би ги предизвикал врз добивките на компаниите кои работат во Македонија. 

Според Виктор Мизо, претседател на Совет на странски инвеститори, треба најпрво да се информираме за сите овие работи и потоа врз основа на разговорите и идеите што ќе произлезат, да се разговара со сите креатори на политиките, да дадеме наши размислувања и предлози за да се направат одредени адаптации во даночната политика и државната помош, со цел да се оптимизираат условите и плаќањата во државата. 

Советот на странски инвеститори уште минатата година ја покрена оваа дискусија со економскиот тим на Владата и, иако тогаш беше кажано дека ќе има барем некаков транзициски период во кој како држава нема да го воведуваме, сепак од 1 јануари годинава данокот е воведен на глобално ниво.

За голем број компании без разлика дали работат во или не во технолошко индустриските развојни зони, дали добиваат државна помош или не, ќе треба детално да се разгледаат сите ефекти како тоа ќе влијае. Зборуваме за бројка од над 50 компании кои доаѓаат од многу различни земји, од Северна Америка и од Европа, пред се, рече Мизо.

Околу 140 држави ширум светот принципиелно ја поддржаа иницијативата на ОЕЦД, меѓу кои и Македонија. Од 01.01.2024 година се применува основното правило за пресметка на дополнителниот данок на ниво на крајната мајка компанија, а од 01.01.2025 се очекува примена на резервното правило.
Првите плаќања на овој данок ќе се случат во 2026-та, а ќе се однесуваат на 2024 година. 

Триесет милиони евра годишно од даноци може да загуби државата, ако не се адаптира на новиот глобален минимален данок на добивка од 15 отсто, кој Меѓународната организација за економска соработка и развој ОЕЦД од 1 јануари им го наметна на компаниите кои имаат годишни приходи од над 750 милиони евра.

Педесетина компании кои работат во земјава и кои во најголем дел се странски, ќе бидат опфатени од оваа нова глобална давачка, покажале симулациите на една од најголемите сметководствени фирми во светот „Прајс вотерхаус куперс“.

Мирослав Мирчев од PwC Северна Македонија најави дека пред компаниите ќе ги претстават комплексните правила за да можат да се подготват за нивна примена.

Во рамки на дискусијата очекувам да се размислува и да се формулира што може да се прави поврзано со фискалните аспекти, со економската политика – секоја компанија сама може да размисли за импликациите и потоа да реши како да постапува – здружено, сама, дали сака да зборува со некој или чисто да биде подготвена за усогласување на плаќањето, рече Мирчев.

Служба за информирање при Комората