КОЛУМНА: Бранко Азески, претседател на СКСМ НАШАТА ЦЕЛ Е 2023 ГОДИНА ДА ЈА ЗАВРШИМЕ СО ВКУПЕН ПРИХОД ОД 100 МИЛИОНИ ДЕНАРИ
➢ Актуелно (01.12.2023, во 08:42:00)
👁 Прочитано: 1516




НАШАТА ЦЕЛ Е 2023 ГОДИНА ДА ЈА ЗАВРШИМЕ  СО ВКУПЕН ПРИХОД ОД 100 МИЛИОНИ ДЕНАРИКликни за повеќе

Поводот за оваа колумна е поентата од кажувањето на нашиот пријател и мој советник Кристофер Сандерс, на месечното обраќање кое се одржа на 13 ноември во Стопанската комора на Северна Македонија, цитирам: ”Најважниот аспект за кој што треба да зборуваме е одржливоста. За мене одржливоста значи правење добивка, затоа што ако го немате профитот, нема да може да го направите тоа што сакате да го направите, нема да може да не ги правите нештата кои не сакате да ги правите и на долг рок ќе ви помогне да се погрижите начинот на кој што општеството се развива да биде од полза за сите.”

Вкупните остварени приходи по години на Стопанската комора, за период 2005-2023 година се прикажани во графиконот подолу, истите се движеа годишно во распон од 61,1 милиони денари до 100 милиони денари и од нив се финансираа во целост сите наши активности, без задолжувања, “домаќински”, со огромна поддршка и доверба од сите вас. Како генерални мои согледувања, во оваа прилика, ќе издвојам неколку факти и бројки:

  • Најниско ниво на вкупни приходи е забележано во 2005 година од 61,1 милион денари;
  • Значителен раст на остварувањата на вкупните приходи се постигнува во годините 2018 и 2019 година, кога достигнуваат ниво на остварувања поголемо од 85 милиони денари;
  • Највисоки вкупни приходи досега беа остварени во 2021 година во износ од 92,6 милиони  денари; 
  • 2023 година за очекување е да биде најдобра година во остварувањата на вкупните приходи, со вкупни приходи поголеми од 100 милиони денари;
  • Со овие приходи низ годините се финансираа сите наши активности, неколку стотици трибини и проектни активност, иницијативи, експетски анализи, прес конференции, илјадници издадени документи во надворешно-трговското работење, меѓународни активности, претстижни настани и состаноци преку формите на здружување, едукативни настани, книги, брошури, списанија, дигиталните решенија наменети за компаниите, но и за интерните процеси, платите на изградениот експертски коморски кадар, општествени донации и сл.). 
Графикон: Вкупни приходи по години 2005-2023

Од досегашното финансиско работење и од активностите на Комората за период 2005-2023, сакам да потенцирам неколку наши значајни одредници, како битни обележја:   

  • За работењето на непрофитните организации, за Комората не е од пресудно значење остварување на големи вишоци на приходи, но остварувања на што поголеми приходи со кои ќе се финансираат и спроведуваат што поголем број на активности и понудат поквалитетни и нови услуги за компаниите членки, претставуваше приоритет во нашето делување кој имаше влијание на позицијата на Комората, како релевантен фактор во општеството; 
  • Настана значитечителна промена во структурата на средствата на финансирање на Комората:
    • Во првите години од плурализмот на коморското организирање, изворите на финансирање беа членарините, со 90% учество во вкупните приходи, а останатите 10% беа приходите од закуп и издавање на документи за надворешно- трговско работење;
    • Денес бележиме повеќе од 63% зголемување на вкупни приходи во однос на 2005 година, а во структурата членарините учествуваат со 40%, финансирањето од проектни активности е со учество од 25% и 35% се комерцијални услуги на Комората;
  • Во само четири години (2018, 2019, 2020 и 2021 година) остварен е вишок на приходи во вкупен износ од 58,9 милиони денари, кој е поголем за повеќе од три пати од збирот на остварувањата за 12 години (18 милиони денари) и овој остварен вишок на приходи во последните години претставува основа за развојно планирање и делување за следните наши коморски активности насочени кон поддршка на компаниите;

Како понатаму? Добрите резултати кои се остваруваа, особено изразени во во последните години, поставија и утврдија нови, значајно повисоки предизвици и таргети, како стартна основа за сите следни години. Тие за нас претставуваат сериозен предизвик, но бараат и голема одговорност, насоченост и грижливост кон нивно одржување и зголемување. 

Со новиот Концепт на целосно свртување кон членките (2020-2025) и новите стратешки насоки на дејствувањето на Комората, активностите ќе бидат исклучиво насочени кон интересот на  компаниите – членки,  со цел истите да добијат додадена вредност од членството во Комората. 

Ќе продолжиме кон определбата за целосна дигитализација на процесите, со цел доближување на услугите до компаниите и заштеда на интерните ресурси на Комората, рационално користење на расположливите средства, ефикасност и ефективност во работните активности и примена на стимулирано наградување на вработените во согласност со остварувањата со заштитна клаузула.

И за крај, во нашиот случај,  ние како непрофитна бизнис асоцијација, не правевме добивка, ние заедно создадовме успешна БИЗНИС АСОЦИЈАЦИЈА на која ќе се гордееме, и сега ќе се погрижиме начинот на кој што општествеото ќе се развива, да биде од полза за сите.

Служба за информирање при Комората