СТРУЧНОТО ОБРАЗОВАНИЕ И ОБУКА – МОЖНОСТ НА УЧЕНИЦИТЕ ЗА ИЗБОР НА РАБОТА ШТО ЌЕ ГИ ИНСПИРИРА И МОТИВИРА
➢ Актуелно (07.06.2023, во 15:43:00)
👁 Прочитано: 2697



Успешна приказна за соработка на СУГС „Ѓорѓи Димитров“ и фабриката за мебел „Ацевски“од Скопје
СТРУЧНОТО ОБРАЗОВАНИЕ И ОБУКА – МОЖНОСТ НА УЧЕНИЦИТЕ ЗА ИЗБОР НА РАБОТА ШТО ЌЕ ГИ ИНСПИРИРА И МОТИВИРАКликни за повеќе

Во насока на промоција на стручното образование и обука и поттикнување на уписот во средните стручни училишта со цел креирање кадар кој ќе одговори на пазарните потреби, во организација на Стопанската комора и проектот „Образование за вработување (Е4Е)“, беше реализирана посета на фабриката за мебел „Ацевски“,  Скопје, каде учениците од шумарско - дрвопреработувачка струка (техничар за мебел и ентериери) од СУГС „Ѓорѓи Димитров“ ја реализираат практичната обука и учењето преку работа. Настанот беше одлична можност да се покаже врската меѓу бизнисот и образованието особено во сегментот на реализацијата на практичната обука, бидејќи за квалитетно стручно образование неоходно е да постои парнерство помеѓу коморите, компаниите и образовните институции.

  

На настанот присуствувaa министерот за образование и наука, д-р Јетон Шаќири, Н.Е. Вероник Улман, амбасадорката  на Швајцарија во РСМ, земја која дава силна поддршка во имплементацијата на дуалното образование во нашата земја и м-р Антони Пешев, Извршен директор на Стопанската комора на Северна Македонија, која проблемот со недостаток на стручен кадар без практичното искуство го има детектирано уште 2007 година и системски почна да го третира барајќи воведување на практична обука на учениците во компаниите и на дуално образование како најефикасен модел за обезбедување на стручен кадар. На настанот присуствуваа и ученици од СУГС „Ѓорѓи Димитров“ Скопје, кои реализираат пракса во компанијата и професорката по практична настава. Од самиот настан, учесниците упатија пораки до идните полуматуранти и до нивните родители.

 

 

„Швајцарија го поддржува системот на дуалното образование, а целта е учениците да изберат работа што ќе ги инспирира и мотивира, да се стекнат со стручни и мануелни вештини и подоцна полесно да дојдат до работно место“, истакна амбасадорката Улман. Таа од настанот испрати три клучни пораки:

  1.     Партнерството помеѓу приватниот сектор, образовните институции и државата е важен сегмент за подготовка на учениците за добра работа и кариерен развој.
  2.     Младите да ја изберат можноста за упис во стручното образование и обука за да можат да се стекнат со соодветни вештини за да најдат добро работно место,  но и  да го продолжат своето образование.
  3.     Третата порака беше упатена до родителите да ги слушаат своите деца и да ги поддржат во нивниот избор затоа што стручното образование е надобриот правец за нив.

Министерот за образование и наука, истакна дека овој настан е добра приказна за успешно стручно образование и обука, што се должи на поддршката што ја дава Стопанската комора, бизнис зедницата, локалната самоуправа, стручните училишта и земјите со долга традиција на дуално образование, како Швајцарија. „Тоа го покажуваат и бројките  на запишани ученици во стручното образование, кои од година во година раста, и бројот на вклучени компании“, изјави министерот за образование и наука, Јетон Шаќири. 

Порака која ја упати министерот Шаќири е дека стручното образование е можност за секое дете, можност за компаниите и можност за пазарот на труд и политиките на Владата за носење повеќе економски мерки и политики за обезбедување кадар за пазарот на труд преку стручното образование.

„Стопанската комора е долго време во приказната за дуалното образование, а она што е важно, е дека гласот на стопанството, уште во 2007 година, е јасен дека во Македонија образованието не произведува кадар, адекватен на потребите на стопанството поради несоодветните образовни програми. Тоа не беше лесен процес кој требаше да ја смени перцепцијата за стручното образование пред сѐ, кај родителите и во доближувањето на образовните институции до бизнис заедницата и нивните потреби“, потенцираше Извршниот директор на Стопанската комора, Пешев. „Запишувањето во виското образование по секоја цена, каде нема реализација на практична обука и недостатокот на соодветни вештини покажаа дека тоа е погрешна политика и продуцира  голема невработеност“, истакна Пешев.

Пораката на Извршниот директор на Стопанската комора е дека со стручното образование младите се едуцирани и спремни за предизвиците на новата технологија и имаат шанса по завршувањето веднаш да се вклучат на пазарот на труд, но и да продолжат во високото образованието.

Директорот на фабриката за мебел „Ацески“, Ацо Ацевски, истакна дека ваквата реформа во образованието е можност да ги остручиме младите и да ги задржиме младите во нашата земја. Учениците доаѓаат еднаш неделно во компанијата и претежно се ученици кои се занитересирани за струката.

Служба за информирање при Комората