СТРУЧНО Е КЛУЧНО-УПИСИ ВО СТРУЧНИТЕ УЧИЛИШТА
➢ Актуелно (17.05.2023, во 13:54:00)
👁 Прочитано: 2125




СТРУЧНО Е КЛУЧНО-УПИСИ ВО СТРУЧНИТЕ УЧИЛИШТАКликни за повеќе

На денешната прес конференција на тема „Стручно е клучно-уписи во стручните училишта“ беше претставен образовниот настан насловен како „Дигитален саем за уписи  во стручно образование“  што го организира Стопанската комора со цел да се информираат младите деветтоодделеници и нивните родители за различните видови квалификации и занимања кои се бараат, за условите што ги нудат средните стручни училишта и компаниите вклучени во образовниот процес и да се поддржат во изборот на соодветна квалификација и занимање при носењето на нивната животна одлука.

Дигиталниот саем ќе се одржи на 19 мај, со почеток во 11 часот, а ќе го следат учениците – деветтооделенци од сите основни училишта во земјата.

На саемот му предходеа Отворените денови на стручните училишта каде стручните училишта и компаниите кои соработуваат со нив ги презентираа условите и можностите за упис во средното стручното образование.

Саемот е продолжение на дигиталниот саем за стручно образование што беше поддржан од проектот „Образование за вработување“, а во негова организација беа: Македонскиот центар за граѓанско образование, во соработка со Стопанската комора на Северна Македонија и Министерството за образование и наука.

На дигиталниот саемот преку неколку панели, илустративни примери и видео презентации се претставени 15 видови на квалификации/профили и повеќе занимања кои се исклучително барани на пазарот на труд со цел да им се приближат на учениците за подобро да се запознаат со нив и да ги поттикнат да размислуваат за запишување токму во тие квалификации.

На саемот, ученици средношколци говорат зошто се запишале во соодветната квалификација/профил и како ја реализираат практичната настава; преставници од компаниите ги објаснуваат работните задачи на занимањето; директори на стручните училишта ги претставуваат условите во стручните училишта; завршени ученици од стручното образование, сега вработени, ни ги раскажуваат своите успешни приказни, додека преку видео презентациите учениците имаат можност да видат дека многу работни задачи кои се работеле мануелно, денес се автоматизирани и се работи на современи машини. 

На прес конференцијата свое обраќање имаше и директорот на Центарот за стручно образование и обука, Шериф Мифтари.

„Ако на првата прес конференција во 2020 година, организирана од Стопанската комора, на која бев поканет по моето назначување за директор, повеќе зборував за теоретски факти, денес на оваа конференција ќе зборувам со реални податоци во однос на напредокот кој е постигнат во стручното образование, но посебно во дуалното образование“ истакна директорот на Центарот за стручно образование и обука, Шериф Мифтари. Според Мифтари, заедно во соработка со Стопанската комора реализирани се низа активности кои придонеле за позитивните резултати кои секогаш се насочени кон создавање сопствен кадар во интерес на нашите компании.

  • Бројот на ученици вклучени во дуални паралелки во учебната 2020/2021 година изнесувал 98 ученици; во учебната 2021/2022 година изнесувал 1486 ученици,  додека во учебната 2022/2023 година бројот на ученици се зголемил на 2763 ученици.
  • Бројот на дуални паралелки во средните стручни училишта во учебната 2020/2021 година изнесувал 11 дуални паралелки; во учебната 2021/2022 година, бројот пораснал на 97 дуални паралелки, додека учебната 2022/2023 година изнесува 225 дуални паралелки од 555 паралелки во средните стручни училишта.
  • Бројот на средни стручни училишта вклучени во дуалниот модел на образование во учебната 2020/2021 година изнесувал 8 училишта, во учебната 2021/2022 година, бројот пораснал на 46 училишта, додека во учебната 2022/2023 година изнесува 61 училишта од вкупно 75 средни стручни училишта.
  • Бројот на квалификации/профили кои се реализираат преку дуалното образование во учебната 2020/2021 година изнесувал 4 квалификации, од 2 сектора,  во учебната 2021/2022 година, бројката пораснала на 49 квалификации од 12 сектори, додека во учебната 2022/2023 година, изнесува  62 квалификации од 14 сектори.

За позитивниот напредок во напорот за зголемување на атрактивноста и бројот на ученици запишани во стручното образование зборуваше м-р Наташа Јаневска од Стопанската комора. Таа истакна дека на одржаната трибина за стручен кадар во 2019 година во Комората, кога процентот на запишани ученици изнесувал 64%, Комората, го постави таргетот на 70% запишани ученици. За четири години, со заедничка соработка со образовните институции (Центарот за стручно образование и обука и министерството за образование и наука) и компаниите, бројот на запишани ученици е зголемен, и денес изнесува 69%.  „Компаниите ја разбраа својата улога во просецот на образованието за подготовка на својот кадар, па така, ако  во учебната 2019/2020 година имавме вклучено 11 компании, во учебната 2021/2022 година имавме 211 вклучени компании, додека во  учебната 2022/2023 година имаме околу 500 вклучени компании со тенденција бројот да расте, бидејќи растат барањата на компаниите за вмрежување со стручните училишта.“ потенцираше Јаневска.  

 

Служба за информирање при Комората