НЕМАЊЕТО ЈАСЕН ИЗБОР НА МОДЕЛ НА ПАЗАРНА ЕКОНОМИЈА НОСИ СЕРИОЗНИ ЕКОНОМСКИ ПОСЛЕДИЦИ
➢ Актуелно (22.03.2023, во 08:52:00)
👁 Прочитано: 2738




НЕМАЊЕТО ЈАСЕН ИЗБОР НА МОДЕЛ НА ПАЗАРНА ЕКОНОМИЈА НОСИ СЕРИОЗНИ ЕКОНОМСКИ ПОСЛЕДИЦИКликни за повеќе

Во Стопанската Комора на Северна Македонија се одржа обраќање на тема „Каква пазарна економија сакаме?“, на која зборуваше м-р Зоран Јовановски потпретседател и советник во Кабинетот на претседателот на Комората за макроекономски прашања и јавни финансии.

Во своето обраќање Јовановски се осврна на главните модели на пазарна економија, осврнувајќи се на САД како земја со слободна пазарна економија и Германија како земја со координирана пазарна економија, при што потенцираше дека кај нас, 32 години се случува нејасна трансформација на македонската економија , која економски е неодржлива на долг рок, а сето тоа има потенцијал на долг рок да креира сериозни последици.

„Нашата цел е да се изостри сензибилитетот за ова прашање кај бизнис секторот, зашто тоа стои под тепих сите години наназад. Никој не го отвора. Популизмот е роден, а бизнис секторот на крајот го плаќа. Затоа бизнис заедницата да се обедини за посилна координативна улога, а Стопанската комора е механизам за реализација на  таа улога“, нагласи Јовановски.

Според потпретседателот на Комората, постои фундаментален расчекор помеѓу очекувањата на економските субјекти за тоа што треба да добијат од државата и отсуството на материјална основа на државата да ги задоволи тие очекувања. Има две можни решенија: редуцирање на очекувањата (прилагодување кон постојните можности) или координирање за подобра материјална основа за исполнување на очекувањата (подобра опција во услови на голема сиромаштија).

„Или ќе избереме либерална пазарна економија, но во тој случај ќе има промена кај очекувањата на граѓаните и тоа значи дека државата ќе обезбеди бесплатно основно и средно образование и делумно бесплатно здравствено образование, а сѐ понатаму секој сам си плаќа. Или  ќе одбереме координирана пазарна економија каде што ќе се координираме. Тогаш промената се случува на двете страни. И кај очекувањата и желбите на граѓаните, ама се случува и на другата страна, ќе се координираме за да создадеме поголема материјална основа за поголема благосостојба на граѓаните. Тоа ќе значи, од една страна зголемен влог на бизнис заедницата и најбогатиот слој во општествотот за зачувување на иднината на земјата и на сопствениот бизнис во тој процес. А од друга страна, драматично зголемување на одговорноста кај државниот апарат (ефикасност, нулта толеранција за корупција, цврста меритократија за кадровските решенија, владеење на правото најпрвин воопшто, а потоа и подеднакво за сите)“, истакна Јовановски.

Отсуството на решение околу изборот на модел на пазарна економија на долг рок креира сериозни последици кои го загрозуваат бизнис амбиентот во земјата и иднината на бизнисите.

Клучно е бизнис секторот да се обедини за да може да издејствува посилна координативна улога во земјата, тоа да оди преку Стопанската комора, а истовремено да се искористи кадровскиот потенцијал на Комората и нејзините компании членки.

Денешниот настан беше прв од ваков тип, кој Стопанската комора на Северна Македонија го воведува како нов производ - МЕСЕЧНО ОБРАЌАЊЕ НА АКТУЕЛНА ТЕМА. Целта е да се актуелизираат одредени теми кои што се од интерес за бизнис секторот, на јавноста да ѝ се понуди нешто ново, свежо и различно, но и да се испратат конкретни пораки до носителите на економските политики за клучните приоритети во државата.

Во месечните обраќања во следниот период ќе може да се слушнете ставови на врвни бизнисмени и лица со експертиза и висока репутација во општеството, кои доаѓаат од редовите на Комората, но и надвор од неа.

Служба за информирање при Комората