Билјана Пеева-Ѓуриќ, проект менаџер на проектот ПСРИСА НАЦИОНАЛНИОТ СОВЕТ ЗА ИЗВОЗ - АЛАТКА ЗА ПОДДРШКА И УНАПРЕДУВАЊЕ НА ИЗВОЗНИТЕ КАПАЦИТЕТИ
➢ Актуелно (17.03.2023, во 15:00:00)
👁 Прочитано: 1741



Формирањето на Советот е алатка во рамки на проектот “Поддршка на приватниот сектор за регионална економска интеграција” (ПСРИСА) што Комората го имплементира во партнерство со УСАИД
НАЦИОНАЛНИОТ СОВЕТ ЗА ИЗВОЗ  - АЛАТКА ЗА ПОДДРШКА И УНАПРЕДУВАЊЕ НА ИЗВОЗНИТЕ КАПАЦИТЕТИКликни за повеќе

Пред 10-тина дена во Стопанската комора на Северна Македонија се конституираше Национален совет за извоз, тело преку кое ќе се одвива јавно-приватниот дијалог и ќе се третираат сите прашања поврзани со начините за поширока промоција и поддршка на извозот. 

•    Целта на ова тело е да обезбеди поголема поддршка и унапредување на извозните активности на компаниите.
•    Ќе претставува национално и советодавно тело во доменот на креирање и спроведување на активности за унапредување на извозот, зајакнување на извозните потенцијали на домашната економија, поттикнување на конкурентноста на извозно ориентираните компании и освојување нови пазари. 
•    Ќе одржува седници најмалку еднаш квартално во форма на дијалог преку кој ќе се канализираат сите предизвици и пречки со кои се соочуваат извозните компании во нивните активности во регионот и пошироко, при што, ќе бидат адресирани конкретни мерки за олеснување на трговијата, елиминирање на трговските бариери, како и предлог политики за зголемување на конкурентноста на извозниот сектор и искористување на можностите кои се нудат во рамките на регионалните иницијативи и интеграциските процеси на Македонија во ЕУ.
•    Членови на Советот покрај претставници од Стопанската комора вклучувајќи ги и претседателите на Клубот на извозници и Советот за унапредување на индустриското производство и извозот како веќе постојни тела во Комората, има и претставници од владини институции и тела, органи на државната управа кои имаат надлежности и вршат активности поврзани со извозот, како и претставници од извозно ориентирани компании од различни економски сектори, а со Советот ќе раководи претседателот на Комората Азески.

Поаѓајќи од податокот дека извозната структура на земјата е неповолна и дека македонскиот извоз е виско концентриран на мал број на извозни производи, мал број на извозни пазари и мал број на извозни компании, не само преку Националниот совет за извоз, туку и преку низата активности зацртани во проектот ќе се делува во насока и системски да се подобрат состојбите и извозот во периодот кој следи да биде главниот мотор на економскиот раст.

За Стопанската комора, влегувањето во партнерство со УСАИД за ваква проектна активност која ќе трае до крајот на јуни 2025 година е од исклучително значење, бидејќи нашата практика покажа дека македонскиот извоз има многу системски проблеми, дека имаме неповолна извозна структура, односно најголем број од производите што ги извезуваме се со ниска додадена вредност и веруваме дека со најголем дел од предвидените проектни активности таа слика ќе ја смениме. Само за илустрација кои се поразителните бројки кои ние како земја што поскоро треба да ги промениме: 
-    95% од македонскиот извоз се пласира на само 25 пазари; 
-    првите топ 25 извозни производи учествуваат со 66% во вкупниот извоз на земјата и 
-    од вкупно 3.500 извозни компании во моментот само 450 извезуваат со вредност поголема од 1 милион долари.

На крајот од овој месец, ќе организираме Регионална конференција на која ќе се презентираат можностите за интензивирање на трговската размена помеѓу земјите од Западен Балкан и како да се поттикне соработка во насока на создавање на Заеднички регионален пазар, за што свои видувања ќе дадат признати бизнисмени од земјите во регионот кои имаат повеќе годишна соработка со партнери од регионот. А за прв пат на оваа конференција ќе бидат презентирани и наодите од Студијата за мапирање на регионалната трговија и инвестициските потенцијали, изработена во рамки на Проектот, кои ќе бидат основа за тоа какво треба да ни биде позиционирањето во наредниот период.

Заедно со овие тела и активностите кои ги реализираме во рамки на проектот, ќе дојде до менување на состојбите, подобрување на постојната извозна структура и потикнување на процесот на извозна диверзификација преку градење капацитети и оспособување на нови извозни компании, како и преку подобрување на капацитетите на постојните извозни компании со цел отпочнување на производство и извоз на нови производи со поголема додадена вредност и поттикнување на извозот на постојните извозни производи на нови пазари. 

Целиот разговор на следниот линк - https://mk.bloombergadria.com/ekonomija/makedonija/24732/peeva-gjurikj-rabotime-na-promena-na-nepovolnata-struktura-na-izvozot/news/

Служба за информирање при Комората