СТРАТЕШКО И ДОЛГОРОЧНО ПЛАНИРАЊЕ ЗА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ КАДАР НА КОМПАНИИТЕ
➢ Актуелно (14.12.2022, во 09:54:00)
👁 Прочитано: 1077



Од седницата на Советот за развој на тренингот и обуките
СТРАТЕШКО И ДОЛГОРОЧНО ПЛАНИРАЊЕ ЗА  ОБЕЗБЕДУВАЊЕ КАДАР НА КОМПАНИИТЕКликни за повеќе

Проблемот со недостаток на квалификувана работна сила со кој сѐ повеќе се соочува македонската економија како резултат на интензивниот процес на флуктуација и на заминување на кадарот од нашата земја во европските држави, беше темата на која се дискутираше на седницата на Советот за развој на тренингот и обуките кој функционира во рамките на Стопанската комора.

Според економските анализи, причината е нотирана во отсуството на стабилни и ефикасни институции, високата корупција и големата политичка нестабилност, отсуството на соодветна инфраструктура и економски структурни реформи, несоодветни услови за водење бизнис, инвестициската нестабилност, неквалитетен образовен и здравствен систем, како и желбата за подобар животен стандард.  Бројката, уште повеќе, ќе се зголемува со новите најави на некои европски земји за олеснување на процедурите за прием на странски работници во нивните земји. Во изминатите години е проценето дека од Македонија, околу 700 илјади лица, заминале на привремена работа во странство или трајно се отселиле.

Потенцирајќи дека ова е сериозен проблем со кој се соочуваат компаниите и државата во целост, Советот донесе заклучок дека ваквите проблеми мора да се решаваат со стратешко и долгорочно планирање преку кое, центрите во рамките на Советот (Берзата на труд, Центарот за дуално образование, Центарот за преквалификација и доквалификација и Центарот за обуки), мора континуирано да ги идентификуваат и евалуираат потребите на компаниите за кадар со специфични квалификации и да нудат на расположивиот кадар на пазарот на трудот адекватни преквалификации и доквалификации, како и стручни доусовршувања преку обуки, кои одговараат на актуелните потреби на компаниите.

За компаниите, членки на Комората, Советот во рамките на своето работење нуди 15 програми за стекнување квалификации, изработени врз основа на анализа спроведена меѓу компаниите за нивните потреби од кадар со соодветни квалификации. Програмите за обуки се за стекнување квалификации од различни сектори:

Машинство Електротехника Градежништво и геодезија Хемија и технологија (прехранбен сектор) Угостителство и туризам
Бравар Електричар Ѕидар Пекар Готвач
Заварувач Електромеханичар за софтвер Гипсер-монтер Месар Слаткар
Опратор на ЦНЦ машина     Касап Келнер
Обработувач на метали        
Инсталатер на греење и климатизација         

Исто така, во овој период, преку Бизнис центарот за трениг и обука, започна обука за квалификацијата Пекар во соработка со пекарницата Пастел, членка на Комората, која решението на својот проблем за обезбедување кадар го гледа преку обучување кадар според неговите специфики на работење со поддршка на Советот за развој на требингот и обуките во рамките на Комората.

Недостатокот на кадар се јавува во сите сектори што не е одминат и ИТ секторот кој има потреба од обезбедување кадар со нови квалификации што ги бара новото време и брзиот развој на технологијата.  Затоа, Советот во наредниот период, ќе биде фокусиран и на подготовка на програми за обуки кои ќе се изработуваат во соработка со компаниите од овој сектор и со нивна зедничка реализиација на обуки за подготовка на кадарот со специфичните вештини и квалификации.

м-р Наташа Јаневска
Проектен менаџер во Стручната служба на Комората