Одржана работилница на тема:„Воведување на статусот овластен економски оператор врз основа на меѓународни стандарди и придобивки за имателите на одобрение“
➢ Актуелно (13.07.2022, во 10:12:00)
👁 Прочитано: 831




Одржана работилница на тема:„Воведување на статусот овластен економски оператор врз основа на меѓународни стандарди и придобивки за имателите на одобрение“

Поради огромен интерес и навремена подготвеност за секогаш актуелните теми поврзани со Царинското работење, во Стопанската комора на Северна Македонија, на 12.07.2022 година, се одржа еднодневна работилница на тема: „Воведување на статусот овластен економски оператор врз основа на меѓународни стандарди и придобивки за имателите на одобрение“ со цел економските оператори да се запознаат со статусот овластен економски оператор, неговото значење во меѓународната трговија и начинот и постапката како да се дојде до него, а се со цел да се користат поволностите од страна на имателите на одобрение.
Во текот на работилницата беа објаснети сите аспекти околу дефинирање на поимот овластен економски оператор, законските основи, можностите и начинот за поднесување на барање и добивањето на одобрение. Истовремено учесниците добија практични совети во врска со начинот на подготовка на економскиот оператор за поднесување на барањето, но и начинот на следење на одобрението и континуирано исполнување на истите. Исто така беа  објаснети поволностите пропишани со законските прописи и начинот и постапките за нивно остварување. Посебно внимание беше посветено и на взаемното признавање на одобренијата за овластен економски оператор и неговото значење за економијата на Република Северна Македонија.
Предавачи на семинарот беа  Гордана Динеска, Царинската управа на Република Северна Македонија и Билјана Гаџовска, самостоен советник во Одделение за царински и даночни постапки во Сектор за царински систем во Царинската управа на Република Северна Македонија.      
 

М-р Елизабета Андриевска-Ефтимова
Соработник во организационата целина за претставување на членките и вмрежување