ПРЕКУ УНАПРЕДУВАЊЕ НА ИНФРАСТРУКТУРАТА ЗА КВАЛИТЕТ И НАДЗОРОТ ВО ЕЛЕКТРОИНДУСТРИЈАТА ДО БЕЗБЕДНИ И КВАЛИТЕТНИ ПРОИЗВОДИ
➢ ОД ЗДРУЖЕНИЈАТА (16.06.2022, во 16:09:03)
👁 Прочитано: 1560




ПРЕКУ УНАПРЕДУВАЊЕ НА ИНФРАСТРУКТУРАТА ЗА КВАЛИТЕТ И НАДЗОРОТ ВО ЕЛЕКТРОИНДУСТРИЈАТА ДО БЕЗБЕДНИ И КВАЛИТЕТНИ ПРОИЗВОДИКликни за повеќе

Г-дин Горан Антевски, потпретседател на Здружението на метална и електроиндустрија учествуваше на стручна расправа во рамки на промотивниот настан на проектот на Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ) – „EU4Business: Поддршка на регионалната економска интеграција“, кој има за цел да ја зајакне регионалната економска интеграција и сорабтока меѓу членките на ЦЕФТА преку поддршка на спроведувањето на Акцискиот план за заеднички регионален пазар.

Активностите на проектот се насочени кон обезбедување на услови за „слободно движење на стоки“ во делот на индустриски производи кои се опфатени со новата хармонизирана законодавна рамка на Европската Унија, преку зајакнување на инфраструктурата за квалитет на регионално ниво. Приоритет од страна на земјите од регионот е даден на неколку економски сектори, меѓу кои и секторите кои опфаќаат електрични производи и машинерија. 

За разлика од други економски сектори како на пример прехранбениот, во електроиндустријата потребно е да се обрне поголемо внимание на квалитетот на производите преку воспоставување акредитирани лабаратории и поголем надзор од страна на инспекциските служби. Европските сертификати во земјава се прифаќаат без да бидат воспоставени соодветни механизми за дополнителна контрола, а што пак е потребно особено во делот на каблите и нисконапонската опрема со цел да се спречат несакани штетни последици и незгоди – посочи Антевски во своето обраќање.

Присутните на настанот говореа за идните активности во рамки на проектот во насока на олеснување на регионалната трговска размена на стоки и услуги и отстранување на бариерите во оваа индустриска гранка, како и за можностите за заедничко признавање на сертификатите за производите имајќи ги предвид националните законодавства и политики од областа.

м-р Нена Николовска
Експерт во организационата целина за претставување на членките и вмрежување