РЕАЛИЗИРАН МОДУЛОТ ЗА “ТЕХНИКИ НА ПРЕГОВАРАЊЕ”
➢ Актуелно (06.05.2022, во 16:07:55)
👁 Прочитано: 1271



УСПЕШНО РЕАЛИЗИРАНИ ПРЕДАВАЊАТА НА МОДУЛОТ ЗА ТЕХНИКИ НА ПРЕГОВАРАЊЕ, ДЕЛ ОД ШЕСТ-МЕСЕЧНАТА ПРОГРАМА ЗА БИЗНИС ЛИДЕРИ
РЕАЛИЗИРАН МОДУЛОТ ЗА “ТЕХНИКИ НА ПРЕГОВАРАЊЕ”

Дали ја знаеме умешноста на успешно преговарање? Свесно или не, сите ние секојдневно се служиме со некоја форма на преговарање од различни аспекти од животот:  деловен, општествен или личен. Преговарањето претставува вештина, а една од најважните алатки за постигнување на успешни преговори е комуникацијата. Деловното преговарање е перспектива од која зависи целокупниот успех на бизнисот. Способноста во исто време да се гради релација на взаемна доверба и да се преговара, внимавајќи на своите фокус цели и интереси е редок квалитет на бизнис заедницата. 

Класификација на преговори и стратегии, ефикасна подготовка, истражување и откривање на преговарачките позиции, учество на трета страна, булверизам, проширување на обемот на преговори, примена на закани и авторитети, одложување на финалната одлука, преговарање на формални договори, трансакциски модел на комуникација, особини на добри преговарачи, невролингвистичко програмирање и најчестите грешки во преговорите, како и комуникациските вештини и техники како успешна алатка за постигнување на преговори беа темите коишто беа разработени на дводневното предавање коешто се одржа на 5 и 6 мај 2022 година како дел од Модулот: „Техники на преговарање“ во рамки на Програмата 1-Клуб на менаџери-претприемништво и лидери во реализација на Советот за високо образование и стратешки истражувања при Стопанската комора на Северна Македонија. 

Модулот насловен како „Техники на преговарање“ беше интензивен и интерактивен и претставуваше силна инспирација за натамошен раст и надградба на идните деловни лидери. Предавачите, практичари, едукатори, менаџери, стопанственици, интерактивнo ги споделија своите искуства, меѓународни пракси и реални вежби по примерот на еминентните центри за обука на оваа тема.

Во текот на дводневното предавање учесниците имаа можност да се вмрежат и преку интерактивна дискусија и примери да ги слушнат личните приказни од нашето деловно опкружување. Предавачи на модулот за Техники на преговарање беа:

-Иван Петрушевски, Костал Македонија од Охрид, со искуство со преговари на мултилатерални акти како член на Секторот за меѓународна соработка во Собранието на РС Македонија, како и учество во преговори и реализација на инвестициски договори со мултинационални комапании, кој воедно беше и координаторот на модулот,
-д-р Јелисавета Георгиева Јовевска, доктор по менаџмент на Економскиот факултет при УКИМ, потпретседател во Комората со над 20 години работно искуство во Комората од кои 15 години на позицијата извршен директор. Таа е лиценциран медијатор и лиценциран обучувач на медијатори, 
-Кристијан Поленак, управувачки партнер на адвокатското друштво „Поленак”, со 27-годишно искуство во повеќе области на правото,
-Владимир Георгиев, специјалист за клиничка психологија, сертифициран тренер за личен развој и еден од првите јога тренери во земјата,
-Огнен Цубалевски, извршен менаџер на ODW Elektrik, Струга, со 30 годишно искуство во индустријата.
-Мирослав Тренчевски, магистар по финансии и банкарство на државниот Универзитет за економија и финансии во Санк Петерсбург, сопственик и управител на компанија во Македонија и
-Бошко Станковски, докторант на Универзитетот во Кембриџ, Обединето Кралство, каде што има и магистрирано, експерт-консултант на European University Institute во Фиренца.

Учесници на Програмата за бизнис лидери се 30-тина претставници од средно големи и големи компании од Република Северна Македонија кои се првите слушатели на оваа шест месечна обука која завршува на 7 и 8 јуни годинава со последниот Модул за комуникација, промоција и маркетинг.

Ментори на Програмата за бизнис лидери се д-р Глигор Бишев кој е претседател на Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања и д-р Јелисавета Георгиева Јовевска, потпретседател на Стопанската комора на Северна Македонија.

 

м-р Ивана Анчев
Асистент во организационата целина за претставување на членките и вмрежување