ПРИДОБИВКИТЕ ОД МЕДИЈАЦИЈАТА ВО РЕШАВАЊЕТО НА СПОРОВИТЕ МЕЃУ КОМПАНИИТЕ
➢ Актуелно (15.04.2022, во 11:51:02)
👁 Прочитано: 3656



Од гостувањето на д-р Јелисавета Георгиева Јовевска во МРТВ
ПРИДОБИВКИТЕ ОД МЕДИЈАЦИЈАТА ВО РЕШАВАЊЕТО НА СПОРОВИТЕ МЕЃУ КОМПАНИИТЕ

Во услови на нарушена ликвидност на компаниите, со цел рационализација на трошоците но и зачувување на добрите деловни односи меѓу партнерите, една од најповолните алатки за решавање сегашен или иден спор на компаниите е медијацијата. И токму Стопанската комора се труди да ја афирмира медијацијата низ низа активности изминатиов период... 

Стопанската комора на Македонија уште од 2006-та година во соработка со ИФЦ-како групација на Светска банка ја промовираше медијацијата во нашата земја преку разни активности како одржување на семинари, прoмоција на Алманахот за медијација и слично. Медијацијата кај нас е институционализирана од 2006-та година и потоа низ годините Законот за медијација претрпува одредени измени со цел подобрување на регулативата и тоа во 2013, 2015, 2016 и последно крајот на декември 2021 година кога е донесен Новиот Закон за медијација во РСМ кој е во сила од 04.01.2022 година  („Службен весник на Република С. Македонија“, бр. 294/2021).

Стопанската комора на С.Македонија континуирано ја поддржува Медијацијата со главна цел популаризација на овој начин на вонсудско решавање на споровите со што од 2016 година од кога ја формиравме Асоцијацијата за поддршка на медијацијата при Комората (АПМ) до сега имаме направено над 40 бесплатни семинари за придобивките на медијацијата пред бизнис заедницата и имаме опфатено над 1000 учесници-претставници од компаниите и други заинтересирани страни.

Токму активностите имаат за цел да ја зајакнат довербата на бизнис-заедницата во медијацијата. Можеме да констатираме дека се постигнуваат многу големи ефекти од јавното говорење и промоцијата на медијацијата, па така од 2017 година заклучно со крајот на минатата година c/ca 1000 компании се одлучиле спорот да го решат по пат на медијација. Секако таа бројка не е задоволителна од аспект на постоењето на големите придобивки од медијацијата и искористувањето на истите од страна на компаниите, но напредок има и затоа е потребна постојана кампања и промоција на медијацијата бидејќи од неа има само корист. 

Она што е важно да се спомене е дека во процесот на медијација нема победници и губитници, нема наметнување решенија и нема потреба некој друг да одлучува наместо страните во постапката. Медијаторот има клучна улога во изнаоѓањето на конструктивно решение. Затоа слободно може да се заклучи дека од вештините, техниките, интегритетот во општеството, репутацијата и карактеристиките на медијаторот зависи и успешноста на еден спор. Медијаторот насочува, создава пријатна атмосфера, прави одвоени средби доколку увиди дека постои некоја ситуација која само може да го продлабочи конфликтот. Медијаторот работи со емпатија, односно сослушува и “влегува во чевлите” на другиот и целата медијација ја води преку одредени техники на парафразирање, преформулирање на прашањата со цел создавање пријатен амбиент за разговор и договарање.

Во медијацијата длабоко се разработува емотивниот, социолошкиот и психолошкиот момент на станите и спорот и ако другите постапки се занимаваат со факти, во медијацијата можеби најважни се емоциите на страните со цел да се навлезе во суштината и причината на спорот.

Медијацијата претставува поддршка на судството во насока на негово растеретување и поголема ефикасност на судовите за оние предмети кои се медијабилни и можат многу брзо да се решат по пат на медијација. Со поднесување на барањето за поведување на постапка на медијација започнува прекин на рокот за застареност на побарувањето кое е предмет на спорниот однос и тоа трае до завршувањето на постапката за медијација, но не подолго од 90 дена од денот на поднесувањето на барањето за медијација. Медијацијата, според одредени извештати во земјите од Европа, трае во просек од 2.5 до 4 часа. И кај нас, страните кои доброволно сакаат спорот да го решат по пат на медијација користат најмногу 2 до 3 средби до доаѓање на позитивно решавање на одреден спорен однос.

Во Комората на медијатори на Република Северна Македонија во моментов се запишани 46 лиценцирани медијатори со големо искуство во решавање на спорови и тие според податоците од Министерството за правда од 2017 заклучно со 2021 година прикажале внес на 3.500 предмети во Регистарот за евиденција на постапките за медијација кој се води во Министерството за правда, од кои 1.730 завршиле со спогодба.

Медијацијата важи за нова култура во решавањето на споровите и кога сакаме да промовираме некаква добра пракса пример ни се развиените земји. Споредбено, во САД дури 90 проценти од споровите се решаваат на овој начин, а во државите од Западна Европа повеќе од 50 проценти. Ние секоја година, почнувајќи од 2017 година бележиме пораст во примената на медијацијата како алтернативен начин во решавањето на споровите, но во моментов сè уште сме далеку од нејзиниот вистински ефект.

Според начинот на поведување, медијацијата може да се одвива како доброволна, договорна и законски определена. Доброволна медијација е медијацијата во која страните своеволно се впуштаат во обид за решавање на спорен однос, пред или по започнувањето на судска постапка. Договорна медијација е медијацијата во која се впуштаат страните, а која произлегува од нивниот облигационен договор, со внесување на одредба со која во договорот се утврдува дека доколку настане спор, истиот ќе го решат по пат на медијација, пред започнување на судска или на друга постапка. Законски определена медијација е задолжителниот обид за медијација кој произлегува од закон пред или по започнување на судска постапка.

Страните во постапката за медијација, од страна на медијаторот, пред почетокот на секоја медијација треба да бидат запознаени за начелата за медијацијата, за тоа дека во секој момент дека можат да отстапат од постапката, да знаат дека се рамноправни, еднакви, нема супериорна или инфериорна страна, дека постапката е доверлива и нема изнесување на информации во јавноста како и дека Спогодбата која би ја постигнале во постапка за медијација можат да ја солемнизираат на нотар и со тоа таа добива сила на извршна исправа.

Асоцијацијата за поддршка на медијацијата при Стопанската комора на Северна Македонија во следниот период продолжува со активности за промоција на медијацијата и оваа прилика ја користи да се заблагодари на МРТВ за добиената покана за учество во емисијата Македонија наутро, како и на сите медиуми кои го поддржуваат напорот и активностите за поголема популаризација на медијацијата.

Целото интервју на д-р Јелисавета Георгиева Јовевска, потпретседател на Стопанската комора на Северна Македонија, претседател на Асоцијацијата за поддршка на медијацијата, лиценциран медијатор и лиценциран обучувач за медијатори можете да го погледнете на линкот во прилог:Од разговорот во МРТВ 

Во втората половина на месец мај 2022 година, Стопанската комора на Северна Македонија и Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) ќе организираат тркалезна маса на тема „Посткризно КОВИД 19 заздравување на економијата-предизвици и изнаоѓање нови алатки и можности за помош на фирмите, со вклучување на медијацијата и на новите процедури предвидени со новиот Закон за инсолвентност“.

д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска
потпретседател на Стопанска комора на Северна Македонија и проектен менаџер за развој на советите