На иницијатива на компаниите членки на Групација за оружје, експлозивни и опасни материи, пиротехнички средства и за програма за воена и за цивилна намена при Стопанската комора на Северна Македонија, денеска се одржа состанок со претставници на Народната банка на Република Северна Македонија и на дел од деловните банки, на кој се истакнаа проблемите околу секојдневното работење со кои се соочуваат компаниите во тековното работење со деловните банки, а кои се однесуваат на одбивањето за кредитирање, издавањето банкарски гаранции, пречките на девизен платен промет, дури и на враќањето на веќе добиени дознаки од странство.
Состанокот го отвори г-ѓа Емилија Нацевска, вицегувернер на НБРСМ, која ја истакна потребата од интегриран пристап на целокупната ваква работа, да се слушнат и да се согледаат проблемите на самите компании и да се изнајде решение за оваа високоризична дејност, за да се олесни работењето на самите компаниите.
Претседателот на Групацијата за оружје, г. Мангутов, во своето излагање истакна дека се работи за компаниите кои имаат одобрување за трговија и за производство на вооружување и на воена опрема, според Законот за промет и за производство на вооружување и на воена опрема. Посочи дека оваа област е една од најрегулираните во светски рамки, бидејќи е проследена со повеќе меѓународно пропишани документи, како што се ЕУЦ (сертификат за краен корисник), извозни дозволи, увозни дозволи, транзитни дозволи итн., кои се издаваат од соодветен државен орган во секоја држава. Го истакна и тоа дека нашите компании членки во последните години, а особено сега, се судруваат со проблеми околу секојдневното работење со деловните банки, а тоа се однесува на одбивањето за кредитирање, издавањето банкарски гаранции, пречките на девизен платен промет, дури и на враќањето на веќе добиени дознаки од странство. Поради ваквите проблеми компаниите доаѓаат во критична фаза, која, покрај глобалната криза и недостигот од работа, предизвикува да губат и веќе договорени зделки, со што се доведува во прашање и нивната егзистенција.
Исто така, истакна дека овие компании, во крајна линија, работат и ја обезбедуваат одбраната на земјата, со увоз за потребите на министерствата за одбрана (МО) и за внатрешни работи (МВР). Во случај да има сомневање за работењето на фирмите, детално да ги побараат сите потребни документи, а не да ги враќаат приливите без знаење на компаниите за кои се наменети.
Г. Емил Димитровски, директор на Управата за наменско производство, кое е во рамките на Министерството за економија, истакна дека овие компании работат со најрегулирана дејност. За да можат да работат, прво мора да добијат согласност за производство, промет и за услуги, која ја дава Владата на РСМ, и, второ, да добијат дозвола за работа, која ја издава владина комисија составена од претставници на Министерството за одбрана, МВР, Министерството за економија и на Царинската управа и која е проверена и, доколку е сѐ законски, тогаш се издава дозволата и компанијата може законски да продолжи да работи
Од претставниците на деловните банки и на Управата за финансиско разузнавање на состанокот беше истакнато дека се работи за компании кои се занимават со наменско производство и кои работат високоризична дејност и дека и самите банки се претпазливи во своето работење. Најголем проблем за домашните банки е што се дел од странски банки мајки, а политиката на дел од странските банки е да не работат со клиенти кои се занимаваат со овие дејности, т. е. најголем дел од банките во Европската Унија имаат забрана за работење со вакви компании.
На крајот се заклучи дека, и покрај тоа што се работи за компании чија дејност е дозволена и високорегулирана во согласност со законските прописи, треба да се продолжи со комуникација и со меѓусебна соработка со деловните банки, за да се изнајде најдобро прифатливо решение за двете страни.