На иницијатива на компаниите од Групацијата за оружје, опасни и експлозивни материи, пиротехнички средства и опрема за воена и цивилна намена, се одржа виртуелна работна средба со министерката за одбрана, м-р Радмила Шеќеринска-Јанковска, и со претставници од Министерството, на која се дискутираше за тендерите во Министерството за одбрана од областа на муницијата, минско-експлозивните средства, вежбовните средства и на ремонтите на ракети и хеликоптери и за реализацијата на годишниот план за јавни набавки од областа на одбраната и безбедноста за 2021 година.
Претседателот на Групацијата, г. Димитар Мангутов, изрази благодарност за одвоеното време од претставниците на Министертвото за реализирање една ваква средба и се осврна на делот од тендерите и од јавните набавки кои се распишани или се во тек на реализација, како и за тоа таа соработка да се подобри во иднина. Компаниите се интересираат за тендерот на КТП-ракети, кој е распишан уште претходната година – до каде е неговата реализација; што се случува со ремонтот на хеликоптерите (при што во меѓувреме се случува потпишување меѓудржавен договор со Република Чешка и се елиминираат македонските компании кои конкурираат на тие тендери) и до каде е постапката за набавка на резервни делови за хеликоптерите и за симулаторите од Секторот за логистика при Министерството, за набавка на балистички елек и шлем, како и за делот за вишокот средства што се наоѓаат во Министертвото за одбрана. И другите компании ја истакнаа потребата дека кај вишокот средства треба да се дефинира кои средства се за продажба од Министертвото, како и нивната количина, годината на производство и нивната вистинска пазарна вредност, за сето тоа успешно и навремено да се реализира и да се продадат во наредниот период.
Министерката за одбрана, м-р Радмила Шеќеринска-Јанковска, истана дека сиот овој период поради пандемијата со ковид 19 имаше мали застои во делот на реализацијата на тендерите, пред сѐ, во Секторот за логистика во рамките на Министерството, каде што за секоја набавка мора да се има формирано комисија за таа да се реализира. Истакна дека големите модернизации со опрема во одбраната на земјава, големите буџети, тешко дека ќе бидат успешно завршени без да се искористи системот „влада со влада“ на други земји со кои имаме поддршка од земји членки на НАТО. Новите набавки во одбраната и во безбедноста сѐ повеќе ќе се насочуваат кон набавки со определени референции од каталозите на НАТО, кои се критериумите на НАТО за квалитет при набавка на соодветна опрема. За набавката на резервни делови ќе биде овозможено да се склучуваат повеќе годишни договори со домашните компании, т.е. ќе бидат обезбедени повеќе финансиски средства за подолг временски период, а и во делот за вишокот средства со кои располага Министерството до крајот на месецот ќе се даде приоритет да се изврши проценка и да се започне постапка за нивна продажба.
Г. Бујар Мустафаи од Секторот за логистика при Министерството истакна дека целта е навремена реализација на Годишниот план за јавни набавки од областа на одбраната и безбедноста за 2021 година, при што за големите и покрупни јавни набавки постапките се во тек и се очекува нивно навремено и успешно реализирање во соодветните рокови и во соодветниот временски период, а тоа се и насоките на Министерството.