Ненавременото донесување на законите од областа на управувањето со отпадот неповолно ќе влијае врз компаниите
➢ Актуелно (17.05.2021, во 13:29:47)
👁 Прочитано: 3393




Ненавременото донесување на законите од областа на управувањето со отпадот неповолно ќе влијае врз компаниите Кликни за повеќе

„Иако изминатиот период МЖСПП работеше максимално колку што можеше на изготвување и на носење нов пакет закони од областа на животната средина, паралелно со Комората, конкретно во делот на управувањето со отпад, тие сѐ уште не се донесени. Нивното изготвување и измените се почнати во почетокот на јануари 2018 г., но сѐ уште се во сила старите закони донесени во 2010 и во 2011 година“, посочи претседателот на Асоцијацијата на посебни текови на отпад при Стопанската комора на Северна Македонија, д-р Филип Ивановски.

Петте закони од областа на управувањето со отпадот се:

  • општиот Закон за управување со отпад (ЗУО), кој ја регулира можноста за користење на отпадот како гориво, но и законите за посебните текови на отпад, како што се:
  • Законот за управување со пакување и отпад од пакување (ЗУПОП);
  • Законот за управување со електрична и електронска опрема (ЗУЕЕО);
  • Законот за управување со батерии и акумулатори (ЗУБА);
  • Законот за проширена одговорност на производителите (ЗПОП).

Последниот во низата, Законот за проширена одговорност на производителите, е сосема нов и построго го регулира формирањето и работењето колективни постапувачи со отпад, како што се и компаниите членки на оваа асоцијација: „Пакомак“, „Еуроекопак“, „Еконелектрон“, „Нула отпад“, „Ел колект“ и „Оба“, но и други, како на пример „Алпак еко“ и „Екопакинг“.

Новите закони имаат вклучено најголем дел од нашите забелешки, кои ги дававме во текот на нивната изработка, за што имавме навистина одлична комуникација со МЖСПП. Она што ни беше најважно е поставување реални цели за рециклирање во периодот 2020 – 2030 и тоа е веќе дел од новите закони.

Сега сме доведени во ситуација нашето работење за 2020 г. да биде оценувано според закони донесени во 2010 и во 2011 година, во кои се поставени нереално високи цели за рециклирање, препишани тогаш од ЕУ-законите, не земајќи го предвид нашиот домашен контекст и тогашниот почетен капацитет за селекција и за рециклирање на отпадот, кој беше многу под европските просеци.

„Неносењето на новите закони и оцената за работењето на колективните постапувачи според старите може да значи значителен финансиски товар за нас, но и за индустријата, пред сѐ, за производителите на храна и на пијалаци, кои преку колективните постапувачи ќе треба да ги платат неправедните и неоправдани финансиски мерки. На овој  начин, директно или индиректно, ќе се казнат околу 1.500 компании кои повеќе од 10 години ги почитуваат законите за управување со отпад“, вели Ивановски.

На пример, компаниите производители, кои пуштаат над 38 % од вкупиот отпад од пакување на пазарот во земјава, не плаќаат и не финансираат ниту еден систем за селекција и за рециклирање! Тие немаат трошоци за отпад, а со сегашниве стари закони ќе се казнат оние компании кои пуштаат 60 % од отпадот и уредно плаќаат за негова селекција и за рециклирање. Каква било казна кон овие компании, почитувачи на законите, ќе биде лоша порака за владеењето на правото и ќе значи ставање во подобра позиција на компаниите кои не ги почитуваат законите, кои немаат трошоци за управување со отпад и кои немаат казни за тоа! Бараме оцената за работењето на колективните постапувачи за 2020 година да биде според полесните и основни критериуми во постојните закони или според критериумите дефинирани во новите закони што се очекуваат.

Го поддржуваме Министерството за животна средина и просторно планирање во процесот на носење на законите, но и алармираме до  Собранието под итно да ги донесе овие нови закони, како една од мерките за индиректна економска поддршка на индустријата! Постојните закони од пред 10-ина години немаат предвидено проекции за 2021 – 2030, а тоа значи дека оваа 2021 година нема никаква обврзувачка регулатива за компаниите! Тоа може да влијае врз намалување на активностите за селекција и за рециклирање на отпадот и запирање на позитивниот нагорен тренд во последниве 5 години!

Даниела Михајловска Василевска
Менаџер во организационата целина за претставување на членките и вмрежување