ОБРАЗОВАНИЕТО НЕ Е ПРОБЛЕМ, ОБРАЗОВАНИЕТО Е МОЖНОСТ
👁 Прочитано: 2841



ОБРАЗОВАНИЕТО НЕ Е ПРОБЛЕМ, ОБРАЗОВАНИЕТО Е МОЖНОСТ

Имам впечаток дека иако Министерството за образование и наука излезе со став дека наставата во новата учебна година ќе се реализира со учење на далечина, познатата „онлајн“ настава (освен за учениците од прво до трето одделение), сè уште e актуелна темата како ќе започне учебната година за средношколците. Средношколците свежо ја паметат реализацијата на наставата преку далечинско учење од минатата учебна година кога пандемијата поради корона вирусот ја погоди нашата земја. Наставниците не беа обучени, а образовните институции не поседуваа соодветни ресурси и опрема за ваков вид учење.

И токму допрва следува разврската за начинот и условите како ќе започне учебната година за средношколците имајќи предвид дека средношколците излегоа со ултиматум за комбинирана настава (комбинација на настава со физичко присуство во училиштата и учење од далечина), во спротивно ќе ја бојкотираат наставата. Ако се земе предвид и фактот дека од оваа учебна година во стручните училишта, за упис на учениците во повисоките одделенија, задолжителна е реализацијата на феријалната практика во компании, но и практичната обука во текот на целата година, комбинираната настава е неизбежна. Сложеноста на состојбата недвосмислено бара повеќеслоен пристап, сериозна организација и планирање, добра комуникација, и најважно од сè, почитување на безбедносните протоколи за заштита на здравјето, а би можела да се оствари единствено со зајакната врска, одговорност и висока свест на образовните институции, учениците и родителите, како и на стопанството. Со еден збор, сите страни мора одговорно да се однесуваат и да учествуваат во процесот на приспособување кон секоја нова состојба за да се обезбеди квалитет и непречено течење на образовниот процес и обезбедување стручни кадри кои во иднина ќе се вклучат во работните процеси. За оваа тема веќе неколкупати го дадов моето мислење.

Од денес, и Грција и Косово, кои го одложија почетокот на учебната година започнаа со настава со физичко присуство на учениците и строго почитување на протоколите за однесување, со што го потврдуваат барањето на средношколците дека вистинските вредности на образованието не можат да се заменат со учење од далечина, иако овој вид настава веќе не е утопија и станува реалност. Но мора да бидеме целосно подготвени за него, и со човечки и со технички ресурси.

П.С. Насловот е позајмен од познатата мисла на американскиот претседател Линдон Џонсон.

м-р Наташа Јаневска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија