МИГРАЦИЈАТА НА НАСЕЛЕНИЕТО - НАЈГОЛЕМ ПРОБЛЕМ НА РАБОТОДАВАЧИТЕ ВО СТРУМИЧКО
➢ Актуелно (30.10.2019)
👁 Прочитано: 1730




МИГРАЦИЈАТА НА НАСЕЛЕНИЕТО -  НАЈГОЛЕМ ПРОБЛЕМ НА РАБОТОДАВАЧИТЕ ВО СТРУМИЧКО

Најголемиот проблем со кој се соочуваат компаниите - членки на Регионалната комора со седиште во Струмица е како да го задржат стручниот кадар во регионот. Ниту зголемувањето на платите не го спречува процесот на миграција на населението. Бараат фокусот да се стави на изнаоѓање решенија за задржување на работната сила во овој регион.

На состанокот пред компаниите во Регионалната комора со седиште во Струмица, м-р Наташа Јаневска, самостоен советник во Комората, информираше за резултатите од спроведените анализи за образованието, што се прават во Комората. При тоа, таа истакна дека за стопанството најголемиот проблем во овој момент е недостигот на стручен кадар кој може да ги забави работните процеси и планираните инвестициски активности, а го кочи и тековното работење на фирмите, бидејќи секојдневно работниците заминуваат од своите работни места.  -Недостигот на кадар се должи на нефлексибилноста на целиот образовен систем и неусогласеноста на законската регулатива која постои, - истакна  Јаневска. Токму поради тоа, Комората инсистира дека треба да се работи подлабоко на проблемот за воведување стручно образование кое ќе произведе стручен кадар, со нов пристап каде што учениците теоретскиот дел од студиската настава ќе ја реализираат во училиште, а останатиот дел да биде практична настава која ќе ја извршуваат во компаниите каде ќе имаат можност да се запознаат со спецификите на компанијата.

Комората, како што информира Јаневска, веќе е вклучена во процесот на приспособување на образовните програми според потребите и барањата на бизнис заедницата. Присутните на седницата дебатираа околу проблемите со кои се соочуваат во секојдневното работење и истакнаа дека голем дел од стручниот кадар кој произлегува не е доволно обучен бидејќи литературата која се користи во наставните програми е далеку од она што им е потребно во пракса и токму поради тоа тие повторно ги обучуваат овие лица со цел да ги стекнат потребните работни вештини.


МИГРАЦИЈАТА НА НАСЕЛЕНИЕТО -  НАЈГОЛЕМ ПРОБЛЕМ НА РАБОТОДАВАЧИТЕ ВО СТРУМИЧКО

Пред присутните на седницата, м-р Зоран Јовановски, главен советник на Управниот одбор на Комората за економски прашања, ги презентираше стратешките правци за натамошното делување и работење на Комората, а се осврна и на новиот Закон за минимална плата и неговото влијание врз бизнисите.

Ирина Георгиева