РЕАЛИЗИРАНА ТРИ ДНЕВНА ПОСЕТА НА ПАЗАРИТЕ ВО Р. ГРЦИЈА ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА ГРУПАЦИЈАТА НА ПАЗАРИ ПРИ СТОПАНСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА
➢ Актуелно (07.07.2017)
👁 Прочитано: 2297




РЕАЛИЗИРАНА ТРИ ДНЕВНА ПОСЕТА НА ПАЗАРИТЕ ВО Р. ГРЦИЈА ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА ГРУПАЦИЈАТА НА ПАЗАРИ ПРИ СТОПАНСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈАКликни за повеќе

Во организација на Групацијата на пазари во рамки на Здружението за комунални дејности и Регионалната комора со седиште во Битола при Стопанска комора на Македонија во периодот од 3-6.7.2017 година беше остварена посета на пазарите во Солун, Лерин и Воден во Р. Грција.

Делегацијата ја сочинуваа претставници од групацијата на пазари, т.е. раководни лица од пазарите во Република Македонија меѓу кои Скопски Пазар АД Скопје, ЈП Пазари Охрид, ЈП Пазари Битола, ЈПК Дервен Велес и ЈПК Комуналец Кавадарци.

Во рамки на посетата на централниот пазар на Солун, беше реализирана средба со претседателот на пазарот г-дин Хабидис. Организаторите на пазарите од Македонија беа информирани за начинот на функционирање и организациската поставеност на пазарот во Солун, кој e формиран во 1966 година како Централен пазар за овошје и зеленчук, а во денешниот облик и објекти работи од 1975 година. Од пред 15 години на пазарот има изградено и инфраструктура за продажба на месо. Централниот пазар на Солун преставува и среден јазол на каналот на логистичкиот синџир на пазарот за овошје, зеленчук и месо. Ја дефинира цената помеѓу производителите и трговците на големо и мало, со цел да се промовираат производите, преку трговските точки, до финалните корисници и да се развие функционирањето на комплетната мрежа на пренос и трговија на овошје, зеленчук и месо. Во Р. Грција постојат само два вакви големи пазари од кој еден се наоѓа во Солун а другиот во Атина. И двата се во државна сопственост. Во рамки на посетата на Солун, групацијата за пазари при Комората организираше средба и со претседателот на Федерација на производители и продавачи на пазарите во Солун, г-дин Дерецис, каде беше разговарано за начинот како помалите локални пазари во регионот на Солун функционираат и се организирани.

Во согласност со воспоставената повеќе годишна соработка меѓу Коморите од Лерин и Битола, беше реализирана и средба во регионалната комора во Лерин, каде делегацијата беше примена од претседателот Савас Сапалидис, со цел што подобра комуникација и зголемување на трговската размена меѓу двете соседни земји. Беше посетен и пазарот во Лерин кој што функционира под раководство на општината и остварена средба со претседателот на пазарот, г-дин Јанис Пилидис.

Три дневната посета на Грција беше заокружена со средби во Воден со регионалната комора на Пела и посета на пазарот. Беа остварени работни средби со претставници од комората каде што се разговараше за повеќе можни начини за соработка меѓу кои и проектни идеи и апликации во ИПА програмата. Остварен беше и состанок со претседателот на пазарот во Воден, г-дин Варсамидис.

М-р Никола Димковски