Дознајте како осигурувањето нè заштитува денес и нè обезбедува утре
➢ Актуелно (09.04.2024, во 15:38:00)
👁 Прочитано: 845





Дознајте како осигурувањето нè заштитува денес и нè обезбедува утреКликни за повеќе

На 8-ми април, Факултетот за економски и административни науки при Меѓународниот Балкански Универзитет (МБУ) заедно со Групацијата на осигурувањето при Стопанската комора на Северна Македонија ја организираа првата интерактивна едукативна презентација на тема „Дознајте како осигурувањето нè штити денес и нè обезбедува утре“ за студентите на Меѓународниот Балкански универзитет.

Настанот беше организиран со цел да се зголеми знаењето и свеста за осигурувањето, како и да се промовира финансиската писменост и финансиската вклученост на различни социјални групи, со цел подобро познавање на осигурителниот пазар, управувањето со ризик, подобро разбирање на осигурителните производи и услуги, обезбедување зголемена заштита на осигурениците, како и презентирање на осигурувањето како интересна работна професија за младите. 
Осигурителните друштва членки на Групацијата веруваат дека придобивките од финансиската едукација се взаемни за економијата, поединецот, домаќинствата и општеството во целина. Оттука, финансиски образованото население подобро го разбира финансискиот пазар и производите, стекнува способност да ги искористи предностите на финансиските производи и подобро да се заштити од финансиски ризици. Од друга страна, подобрата финансиска писменост и свесност на населението придонесува за поголема финансиска вклученост.

Студентите имаа привилегија да стекнаат знаења и да дискутираат за осигурувањето во Македонија од докажани и признати професионалци од осигурителната индустрија со долгогодишно практично искуство и знаење. Имено, на настанот се обратија претставници од четири престижни осигурителни компании, членки на Групацијата на осигурување при Стопанската комора на Северна Македонија:

- Г-дин Климе Попоски, претседател на Управниот одбор и генерален директор на Winner Insurance, Vienna Insurance Group, Скопје
- Г-дин Ило Ристовски, претседател на Управен одбор и генерален директор на Халк осигурување АД Скопје
- Г-дин Горан Божиновски, менаџер на Академијата во Кроација осигурување - Живот АД Скопје
- Славко Саздовски, директор на Одделот за човечки ресурси и академија во Триглав Осигурување-Живот АД Скопје, како и 
- г-ѓа Антонета Манова Ставреска, проектен менаџер и задолжена за Здружението на финансиските организации при Стопанската комора на Северна Македонија.

 

Последно, но не и најмалку важно, проректорите доц. д-р Мевлудин Ибиш, доц. д-р Сејхан Муртезан Ибрахими, декан на Факултетот за економски и административни науки доц. д-р Лиза Алили Сулејмани и доц. Проф. д-р Елена Парнарџиева Станоевска имаа шанса да разменат мислења за можностите за понатамошна соработка помеѓу Стопанската комора и Меѓународниот балкански универзитет (МБУ).

м-р Антонета Манова Ставреска
Експерт во организационата целина за претставување на членките и вмрежување во Стручната служба