КОНСТИТУТИВНА СЕДНИЦА НА ЦЕНТАРОТ ЗА МИКРО, МАЛИ И СРЕДНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА
➢ Актуелно (26.03.2024, во 11:24:00)
👁 Прочитано: 626




Само конкурентни микро, мали и средни претпријатија претставуваат двигатели на инклузивниот економски раст
КОНСТИТУТИВНА СЕДНИЦА НА ЦЕНТАРОТ ЗА МИКРО, МАЛИ И СРЕДНИ ПРЕТПРИЈАТИЈАКликни за повеќе

Центарот за микро, мали и средни претпријатија формиран во рамките на Стопанската комора одржа конститутивна седница, на која се формираше тимот кој во следните четири години ќе го предводи и ќе го координира работењето на оваа форма на дејствување. Фокусот на работа се микро, мали и средни претпријатија. Претседател на Центарот ќе биде Габриела Кулебанова, сопственик на компанијата „Антариас“, а потпретседатели Филип Рашевски, сопственик на „ТИФИ ГРОУП“, и Деспина Жупан, сопственик на „АЈОЛАЈТ ХАБ“ ДООЕЛ.

Во своето обраќање до присутните компании, преседателката на Центарот даде осврт на активностите и на средбите реализирани досега со повеќе меѓународни донатори во земјава кои имаат интерес за поддршка на оваа група деловни субјекти, кои доминантно ја сочинуваат структурата на компании во државата. Беа претставени и целите на дејствување ставајќи акцент врз поддршката на процесите на дигитализација на микро, мали и средни фирми, решавањето на проблемите со нелојалната конкуренција, потребата од обезбедување извори за финансирање за поддршка на бизнисите и сл. Центарот ќе работи на тоа овие компании да добијат функционални услуги и поддршка за побргу и поквалитетно да се развијат во структурна, но и во финансиска смисла, подобрувајќи ги своите вештини, работни перформанси и, секако, својата добивка. Со активна работа на Центарот ќе се придонесе за полесно детектирање на слабостите и на предизвиците како на секторско така и индивидуално ниво, за со соодветен пристап и третирање на прашањата да се дојде до најоптималните решенија кои перспективно би служеле како изграден патоказ за наредните компании кои би се соочувале со истите проблеми.

Присутните претставници на компаниите членки на конститутивната седница изразија задоволство од формирањето на Центарот во рамките на Комората, потенцирајќи дека за оваа форма на компании е од исклучителна важност поддршката на Комората со својата вкупна инфраструктура. Од искуство може да се потврди тоа дека микро, малите и средните претпријатија се лидери во воведувањето иновативни решенија, како и тоа дека се активни креатори и следбеници на сите нови текови кои ги инсталираат глобалните пазари, како на пример најновите случувања со животната средина и со екологијата и мерките што се применуваат за заштита. Но слабост за оваа форма на правни субјекти е тоа што тие самите индивидуално не се во можност да применат големи процеси за кои се потребни соодветни инвестиции, кадар и опрема, а, наедно, се соочуваат и со недостиг од соодветни менаџерски вештини и од капацитет на работната сила, па затоа поддршката и поттикот на ММСП од Стопанската комора на Северна Македонија преку овој центар ќе им биде од голема важност во нивниот раст.

Во рамките на седницата пред компаниите беше претставена кредитна линија од Европската банка за обнова и развој зa вложување во зелената енергија. Целта на оваа кредитна линија е да се мотивираат малите и средните претпријатија во Македонија за иницирање инвестиции во енергетската ефикасност, а особено во обновливите извори, за да се справат со зголемените трошоци за енергија, за да се намали загадувањето и за да се искористи потенцијалот за користење обновлива енергија.

УНДП направи презентација на мерката 8 за поддршка во креирањето нови работни места во приватниот сектор преку зелени инвестиции, која е дел од оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на трудот за 2024 година, како поддршка за микро, малите и средните претпријатија од приватниот сектор кои се заинтересирани за отворање нови работни места и за зелени инвестиции, односно за воведување зелени производи, услуги, технологии или процеси преку користење неповратни финансиски средства. Оваа активност УНДП ја презема во партнерство со Министерството за труд и социјална политика и со Агенцијата за вработување на РСМ.

Стопанската комора на Северна Македонија, при формирањето на овој центар, ги имаше предвид улогата на микро, малите и средните претпријатија во вкупната економска активност на државата и нивното големо значење во економијата на една земја, особено ако се има предвид фактот дека се доминантни, со учество од над 90 % во вкупниот број активни деловни субјекти во државата, а истовремено се и најголемите работодавци со околу 70 % од вкупниот број вработени лица во државата. Од друга страна, учеството на микро, малите и средните претпријатија во додадената вредност е со многу помал процент во вкупната додадена вредност споредено со големите компании. Ова претставува и клучен предизвик како да им се помогне на микро и на малите претпријатија да остварат раст, во поголема мера да придонесуваат во националната вработеност и да креираат додадена вредност.

Даниела Михајловска Василевска
Проектен менаџер во организационата целина за претставување на членките и вмрежување