Д-р Јелисавета Георгиева Јовевска, потпретседател на Стопанската комора на Северна Македонија, оствари работна средба со извршниот директор на фирмата Тевокс-ком од Струмица, Томе Филев. На средбата на која присутен беше и управителот на фирмата Владимир Филев, потпретседателката Георгиева Јовевска подробно ја објасни работата и задачата на Кризниот штаб на Комората како и значајната улога која истиот ја пружа во насока на поддршка на компаниите во справувањето со предизивиците од енергетската криза.
Тевокс-ком Струмица е компанија која моментално брои 86 вработени. Произведува ХТЗ опрема и целосно е извозно ориентирана на германскиот пазар (лон производство). Веќе 15 години преку семејниот бизнис г-динот Томе Филев со вештите раце на дизајнер, со работното искуство директно од погон и со професионализмот кој го поседува, своето знаење го пренесува на своите најблиски со цел бизнисот да продолжи и понатаму. Иако квалитетната работна сила и за нив претставува голем проблем, сепак откажување нема и за нив работниците се најголемата додадена вредност. Државата помогнала кога е најпотребно а тој период за нив било работењето во корона кризата кога преку користење на поволни кредити од Развојната банка на РСМ успешно ги пребродиле тешкотиите. Сега во услови на отежнато работење предизвикано од големата енергетска криза оваа компанија изнајдува начини на премостување на високите сметки за електрична енергија преку штедење и рационализација, како и преку употреба на машини со серво мотори кои за нив се одлична инвестиција бидејќи трошат значително помалку електрична енергија. Во блиска иднина компанијата планира и поставување на фотоволтаици.
За Стопанската комора на Северна Македонија оваа посета имаше уште поголемо значење бидејќи оваа компанија стана нова членка на Комората со што нашето семејство се збогати за уште една фирма.
Во Струмица, потпретседателот Георгиева Јовевска направи посета и во компанијата ИнтерМеталМет и дискутираше со генералниот директор Тодор Георгиев.
ИнтерМеталМет е компанија која е ребрендирана во 2012 година. Почнува со 5 вработени и малку механизација и машини. Денес бројат 40-тина вработени, голем опсег на механизација, од типот на камиони со дигалки, виљушкари, платформи. А располагаат и со машина за ребрување на лим. Главни дејности на компанијата се изведба на челични конструкцииза магазини, хали, деловни објекти, покривачки работи, лимарски работи, браварски и занаетчиски работи и производство и монтажа на пвц и алуминиумска столарија.
Кризниот штаб и во следниот период продолжува со посетите и согледување на состојбите на компаниите од терен. Се бориме за поддршка на сите компании а дополнително не радува податокот што го зголемуваме нашето членство. Компаниите ја препознаваат моќта на коморското здружување.
Стопанската комора на Северна Македонија и понатаму ќе биде конструктивен партнер на Владата која во целиот изминат период е секојдневно во комуникација со нас. Нивните напори кои ги превземаат значат многу за бизнисот а предвидливоста на компаниите е клучна посебно за следниот период кога се финишираат плановите за следната година.
Од посетите посебно се потенцира дека за фирмите е најважно да ги зачуваат работните места, сите во компаниите да продолжат да бидат одговорни, да се штеди и најважно да се задржи конкурентноста дома и на пазарите во регионот.