Автентично толкување на членот 93 став 2 од Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.32/20 и 111/23)од



Врз основа на членот 68 став 1 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Собранието на Република Северна Македонија на седницата одржана на 28 март 2024 година даде

А В Т Е Н Т И Ч Н О Т О Л К У В А Њ Е НА ЧЛЕНОТ 93 СТАВ (2) ОД ЗАКОНОТ ЗА

УРБАНИСТИЧКО ПЛАНИРАЊЕ („СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РЕПУБЛИКА

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА“ БРОЈ 32/20 И 111/23)

 

Членот 93 став (2) од Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 32/20 и 111/23), гласи:

(1) Започнатите постапки за донесување, како и постапките за изменување и дополнување на урбанистичките планови за кои е одобрена планска програма до денот на започнување на примена на овој закон, ќе продолжат согласно со одредбите на законите според кои се започнати и ќе бидат завршени во рок од четири години од денот на влегувањето во сила на овој закон.

(2) Доколку постапките од ставот (1) на овој член не завршат во рокот од ставот (1) на овој член, истите ќе продолжат согласно со одредбите од овој закон.

Одредбата од членот 93 став (2) од Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 32/20 и 111/23), треба да се толкува така што постапките за донесување, како и постапките за изменување и дополнување на урбанистичките планови започнати по други закони, ќе продолжат само за тие урбанистички планови за кои е завршена јавната анкета и јавната презентација или стручната расправа, а плановите ќе бидат донесени согласно со Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 32/20 и 111/23) така што урбанистичките планови нема да се враќаат во некоја претходна фаза од постапката, ниту да претрпуваат измени, усогласувања или корекции во решенијата и параметрите согласно со новите подзаконски акти, туку со сите свои содржини и решенија што биле изработени и утврдени согласно со законите и прописите со кои ја започнале постапката за донесување до денот на истекувањето на законскиот рок, само ќе продолжат со чекорите од постапката за донесување што им преостанале согласно со овој закон, додека постапките за урбанистичките планови за кои не е завршена јавната анкета и јавната презентација или стручната расправа во рокот од четири години од членот 93 став (1) од Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 32/20 и 111/23) истите ќе се усогласуваат, изработуваат и донесуваат согласно со одредбите од Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 32/20 и 111/23) и неговите подзаконски акти.

СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Бр. 08-2154/1

28 март 2024 година

Скопје

Претседател на Собранието

на Република Северна Македонија,

Јован Митрески, с.р.


Контакт лице: Ана Стерјовска
Телефон: ++ 389 2 3244037
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ana@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Северна Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје