ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА МИНЕРАЛНИ СУРОВИНИ (СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ БР.99 ОД 21.4.2022 ГОДИНА)



Измените и дополнувањата на Законот за минерални суровини се во фунција на усогласување на одредбите од овој закон со одредбите од Законот за прекршоците (“Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/19). Покрај измените и дополнувањата на Законот за минерални суровини во насока на усогласување на одредбите со Законот за прекршоците, извршено е и усогласување со Законот за услуги („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/19), како и усогласување со одредбите од Законот за техничка инспекција („Службен весник на Република Македонија“ 88/08, 63/09, 119/10, 36/11, 136/11, 164/13, 41/14, 33/15, 61/15, 154/15 и 53/16).

Извршено е и техничко подобрување на текстот на Законот, како и доуредување на дел од одредбите во насока истите да бидат поприменливи во пракса. Имено, извршени се и следниве измени:

  • се предвидуваат рокови за постапување од страна на Владата како концедент;
  • додадени се 3 нови видови на минерални суровини и тоа: петротермална енергија, кварцен чакал и риолит;
  • се додава одредба според која, концесија за детални геолошки истражувања или експлоатација на минерални суровини не може да му се додели на правно лице кое учествувало на јавен повик за доделување на концесија за вршење на проспекциски геолошки истражувања, детални геолошки истражувања или експлоатација на минерални суровини не го платил понудениот надоместок;
  • се укинува ограничувањето дека лицето кое учествувало во изработката на геолошката документација не може да учествува и во изведувањето на геолошките истражувања ќе важи само за основните геолошки истражувања, бидејќи овие истражувања ги врши Геолошкиот завод, односно државата;
  • се разграничува големината на просторот и периодот на важност на концесиите за експлоатација на песок и чакал кои не се наоѓаат на коритата и бреговите на површинските водни тела (водотеци, езера и акумулации) кога концесијата е доделена на државно земјиште и кога концесијата е доделена по барање на сопственикот на земјиштето. 
  • роковите за доставување на мислење од страна на надлежните органи, како и рокот за доставување на предлог-одлуките до Владата, како концедент е зголемен од 15 на 30 денови;
  • во членот 43 се додава и минералната суровина-глина, односно барање за доделување на концесија за експлоатација на сопствено земјиште може да се поднесе и за овој вид на минерална суровина по истите услови и постапка како и за песок и чакал и за собирен кварц; 
  • во членот 51, во кој се уредуваат причините за едностран раскин на договорот за концесија за експлоатација од страна на концедентот, се додаваат три нови алинеи со кои концесијата за експлоатација може да се раскине заради битна повреда на одредбите од договорот или на законите и прописите што се применуваат на договорот, во случај кога вршењето на експлоатацијата го нарушува јавниот интерес и кога концесионерот врши експлоатација надвор од просторот на кој е доделена концесијата со договорот за концесија. 
  • со менувањето на членот 73 и додавањето на нови одредби се уредува начинот на полагање на испитот за добивање на лиценца за изработка на рударски проекти за површинска и подземна експлоатација, преработка на минерални суровини и други рударски проекти од областа на рударството исто како за доделување на лиценците за изработка на геолошка документација;
  • во делот на наплатата на концесиските надоместоци се доуредува одредбата со која 78% од платениот концесискиот надоместок е приход во буџетот на општината на чија територија се врши концесиската дејност, во насока дека прибавените средства по овој основ треба да бидат наменети за вршење на општествени или комунални дејности од интерес за општината;
  • се зголемува одговорноста на лицата кои се поставени да вршат технички надзор кај концесионерите со цел да се зголеми стручноста во вршењето на надзорот, а со тоа правилно работење на концесионерот при вршењето на концесиската дејност;
  • се укинува донесувањето на годишната програма за рекултивација, бидејќи согласно Законот за минерални суровини секој концесионер е должен да изврши рекултивација на земјиштето по исцрпувањето на експлоатабилните резерви на минерална суровина; и
  • други.

Контакт лице: Служба за информирање при Комората
Телефон: ++ 389 2 3244000
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ic@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Северна Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје