За ефикасна арбитражна постапка потребна е синергија помеѓу правниците во компаниите и надворешните адвокати на компаниите
➢ Актуелно (26.04.2023, во 10:51:00)
👁 Прочитано: 1922



Одржана Меѓународна арбитражната конференција во Скопје
За ефикасна арбитражна постапка  потребна е синергија помеѓу правниците во компаниите и надворешните адвокати на компаниитеКликни за повеќе

Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Северна Македонија, во соработка со Форумот за млади арбитри и алтернативно решавање спорови при Меѓународната стопанска комора со седиште во Париз (ICC YAAF), на 25.04.2023 година организираше Арбитражна конференција на тема: „Осигурајте се дека арбитражата ги исполнува вашите (компаниски) очекувања.“

Тамара Манасијевиќ, претставник на „ICC YAAF“ за Европа; адвокат, „ARP“, Виена, во поздравното обраќање изрази задоволство од големата заинтересираност за овој настан, а со тоа и за арбитражата, како алтернативен начин за решавање на споровите, кој се повеќе се практикува во современиот свет.

„Во последниот извештај на Европската комисија за нашата држава експлицитно се констатира дека е потребно, преку релевантните комори, да се работи на континуираното промовирање на методите за алтернативно решавање спорови, како што е и арбитражата. Организирајќи настани од овој тип, заради подигнување на јавната свест за предностите на арбитражата, веруваме дека може да придонесеме подобро да ги информираме, поврземе и инспирираме младите професионалци да дискутираат за актуелните прашања од областа на арбитражата, да се вмрежуваат и да создаваат значајни врски со искусни практичари во оваа област и што повеќе да ја користат арбитражата за решавање на споровите помеѓу деловните субјекти“, изјави д-р Елена Милевска Штрбевска, претседател на Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Северна Македонија.

Панел-дискусијата ја модерираше д-р Ана Пепељугоска Костовска од Адвокатското друштво Пепељугоски, адвокат со искуство во домашна и меѓународна арбитража, а панелистите беа истакнати арбитражни практичари од Скопје, Загреб, Лондон и од Виена, со значајно искуство во меѓународни арбитражни постапки. Панелистите Борна Дејановиќ, во соработка со Wolf Theiss-Загреб, Томас Хербст од Zeiler Floyd Zadkovich-Виена, Марлин Кругер, VilmerHale-Лондон и Марија Шеќероска, ГД Гранит АД-Скопје имаа конструктивна дискусија на тема како да се водат арбитражните постапки, а притоа да се имаат предвид начелото на процесна економија и намалување на трошоците, автономијата на волја во арбитражните постапки во корелација со прашањето на контрола на временската алокација и трошоците, како и начинот на именување на арбитри. Особено значајно беше елаборирањето на потребата од синергија помеѓу правниците во компаниите и надворешните адвокати, кога се работи една арбитражна постапка. Панелистите беа едногласни во афирмирање на улогата на правниците во компаниите, кои во оптимални сценарија, треба да бидат подеднакво вклучени, како и надворешните адвокати. На конференцијата беа споделени и видувања околу можностите за спогодување во арбитражна постапка со цел намалување на трошоците. Дискусијата се заокружи со одговор на прашањето како да се заштедат трошоци во арбитражната постапка, а притоа истото да не биде на штета на странките.

Конференцијата ги собра на едно место сите заинтересирани адвокати, корпоративни правници и претставници од академската фела на едно место, како еден идеален форум за перспективните практичари од областа на арбитражното право и практика да разменат знаења, да споделат искуства и да придонесат арбитражата да стане дел од филозофијата на размислување за водење бизнис, а со тоа и дел од успешната приказна на деловните субјекти во управувањето со правните ризици и решавањето на појавените спорови меѓу деловните субјекти.

д-р Елена Милевска Штрбевска
Советник во Кабинетот на претседателот на СКСМ за развој на коморскиот систем, кадровската политика