Како до поголема соработка помеѓу економиите од Западен Балкан - предизвици и можности
➢ Актуелно (30.03.2023, во 13:51:00)
👁 Прочитано: 2223



Комората организираше регионална конференција на тема: „Како да се обезбеди поголема соработка помеѓу економиите од ЗБ - предизвици и можности“, во рамки на Проектот “Поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција”, во партнерство со УСАИД
Како до поголема соработка помеѓу економиите од Западен Балкан - предизвици и можностиКликни за повеќе

Нејзината екселенција Анџела Прајс Агелер, Амбасадор на САД во Северна Македонија, Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија и Фатмир Битиќи, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските сектори и инвестиции, се обратија на почетокот на Конференцијата пред присутните претставници на бизнис заедницата од земјите од регионот како и пред претставниците на Коморите од ЗБ6 и дипломатскиот кор.

Aмбасадорката на САД во Северна Македонија Анџела П. Агелер исткана „Иднината на регионот е во ваши раце. Вие - приватниот сектор, мора да придонесете во решавање на најголемите предизвици кои се пречка за инвестициите, ги попречуваат иновациите и креираат економска нестабилност. Барајте владеење на правото, помогнете во борбата со корупцијата и лобирајте за подобрена инфраструктура и поврзаност во регионот.“

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески во своето обраќање акцент стави на неколку прашања. „Се`уште во нашиот регион историјата и политиката се доминантни во однос на економијата и бизнисот. На балканските политички елити 30 години им беше потребно да сфатат дека регионалната политика и пристап во работењето не е враќање кон старата Југославија туку приклучување кон западните прогресивни вредности и дека за успешна регионална интеграција потребни се иницијативи од самите земји во регионот на Западен Балкан, по успешниот пример на Вишеградската група. Не само што сме поединечно мали, туку и вака здружени во ЗБ ние сме како регион мали. Тоа значи дека треба да вложуваме максимални напори, за да ги подобриме сите перформанси кои се битни за зголемување на извозот и за создавање на конкурентни производи кои со својата цена со својот квалитет, ќе можат да се носат со конкуренцијата на другите пазари. Ако тоа не го правиме ние го доведуваме во прашање развојот на бизнисот.“

Фатмир Битиќи, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските сектори и инвестиции истакана - „Регионалната соработка овозможува раст и развој на економите. Предизвиците не се пречка, тие се шанса за заедно да ги надминеме и заедно да ги мултиплицираме шансите и можностите кои се отвораат пред нас.

Продлабочувањето на економската интеграција и соработка помеѓу државите од Западен Балкан преку сите постоечки иницијативи е приоритет на сите народи од нашиот регион. Ова треба да биде Балканот на 21виот век. Регионалната конкурентност е клучот кој ја отвора вратата за просперитет на Западен Балкан“.

Во рамки на Конференцијата се реализираше и панел дискусија со фирми од регионот на Западен Балкан во насока на истакнување на позитивните примери и добрите пракси, како и за можностите, проблемите и предизвиците за зголемување на регионалната соработка. Беше презентирана и Студија за можностите за поттикнување на поголемо ниво на регионална соработка, чиј креатор професор д-р Дарко Лазаров главен експерт и претседател на Клубот на извозници при Комората, ги презентираше можностите за интензивирање на трговската размена помеѓу земјите од Западен Балкан. Стручно изведената анализа изработена за потребите на Проектот на Комората во партнерство со УСАИД е прва од ваков вид во регионот која на еден поинаков начин, преку детална разработка на податоци на ниво на поединечен производ и пазар ги анализира тековните состојби но многу поважно ги мапира неискористените интра регионални трговски потенцијали.


 

Преку проектот “Поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција”, УСАИД ја поддржува Стопанската комора на Северна Македонија во напорите да овозможи подобра интеграција на бизнисите во регионалните и глобалните вредносни синџири и засилување на нивниот капацитет за да бидат конкурентни на Западниот Балкан и пошироко во ЕУ. Идејата е да се создадат алатки за јавно-приватен дијалог, промоција на придобивките од регионалната економска интеграција на деловната заедница, истражување и унапредување на можностите за извоз и обезбедување одржливи услуги за извозните компании.

Служба за информирање при Комората