Покрај предизвиците од глобалните економски движења, странските инвеститори го задржаа бројот на вработени во 2022 година
➢ Актуелно (20.12.2022, во 12:50:00)
👁 Прочитано: 1058




Покрај предизвиците од глобалните економски движења, странските инвеститори го задржаа бројот на вработени во 2022 годинаКликни за повеќе

Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство во рамките на Стопанската комора на Северна Македонија ја презентираше Aнкетата за странските директни инвестиции 2022 година со посебен осврт на актуелните состојби, остварените резултати и очекувањата за идната година.

Резултатите од анкетното истражување пред новинарите, пред претставници на компаниите членки и високи претставници на странски амбасади во земјава ги презентираа г-н Виктор Мизо, генерален директор на „Костал“ и претседател на Асоцијацијата и г-н Георги Тренковски, генерален директор на „Теламон“, во својство на потпретседател на Асоцијацијата.

Анкетата која е спроведена во периодот од 20 ноември до 10 декември ноември годинава вклучува одговори на 76% од анкетираните производствени компании кои се лоцирани во и надвор од ТИРЗ-овите. Претежно тоа се компании од автомобилската индустрија коишто минатата година заедно имале преку 28.000 вкупен број на вработени и остварени 2,9 милијарди евра приходи во 2021 година.

52% од испитаните странски инвеститори во земјава повторно би инвестирале во земјава, а како најголем ризик за развојот на нивните компании гледаат во зголемени трошоци за енергенси, неефикасноста на јавната администрaција, недостигот на стручна работна сила, правната неизвесност и непредвидливост на економската политика, како и недоволен обем на квалификуван кадар што може да се најде во државата.

Резултатите од анкетата покажуваат релативно влошување на задоволството на компаниите од  инфраструктурата на локацијата на која работат. Така, 45% од испитаниците одговориле дека се делумно задоволни, а 30% дека се задоволни. Не се задоволни 25% од анкетираните. 

Во однос на конкретните 3 најприоритетни инфраструктурни прашања кои се најважни за нивниот бизнис во следните 12 месеци, најголем број одговориле дека тоа е обезбедување на канализацијата и одведувањето на атмосферски води,  пристапен пат и приклучок на вода.

Оценките за задоволството од работењето на институциите задолжени за aftercare услуги се половични: 44% од испитаните компании одговориле дека се делумно задоволни, 45% се незадоволни, а само 11% се задоволни.
Во однос на остварените резултати во тековната година, половина од испитаниците забележале пад на обемот на планиранито производство како резулатат на намалените нарачки од странство, недостатокот на суровини и репроматеријали и пречките во нормалното одвивање на транспотот. И покрај ваквиот пад на обемот на производство бројот на вработени кај анкетираните странски компании во 2022 година бележи раст за 13,4% или за 3.852 лица. 

На пазарот на трудот, компаниите најтешко доаѓаат до инжинерски и технички кадар, а најлесно до административен кадар. Како причина  за недостатокот на работна сила се посочуваат: одливот на кадарот во странство, недоволното практично искуство и знаење и недоволниот интерес за работа во индустрискиот сектор.

На прашањето за финанската поддршка и државната помош која ја добиваат, вкупно 94% од анкетираните компании сметаат дека се потребни нови финансиски мерки за ублажување на последиците од енергетската и економската криза, пред се наменети за одржување на бројот на вработените, субвенционирње на трошоците за електрична енергија и изградба на фотоволтаични централи.

Умерени се и одговорите за очекувањата на компаниите за остварените приходи во тековната година во споредба со планираното. 23% од испитаните компании очекуваат приближно исти приходи, раст на приходите очекуваат 41% од анкетираните компании, а намалување прогнозираат 36% анкетирани компании.

Во однос на прашањата на кое треба да се фоксуира државата во следните 12 месеци, најголем дел од компаниите ги нотирале:
-    намалување на оперативните трошоци во ТИРЗ,

-    подобрувањето на инфраструктурата и навремено исполнување на договорните обврски,
-    усогласување на правилата за оправдани инвестициски трошоци за државна помош и сметководствените правила според меѓународните стандарди,
-    усогласувањето на царинските стапки со оние во ЕУ ,
-    Олеснување на правилата и постапката за престој и работа на странски државјани.

Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство во рамките на Стопанската комора на Северна Македонија се заблагодарува за досегашната соработка со државните надлежни институции и за следниот период укажува на потребата од уште поефикасна инстуитуционална поддршка. 

Служба за информирање при Комората