ПРЕЗЕНТИРАНИ МОЖНОСТИ ЗА СОРАБОТКА И ИНВЕСТИРАЊЕ ВО КАНАДА ЗА МАКЕДОНСКИТЕ КОМПАНИИ
➢ Актуелно (06.07.2022, во 17:45:55)
👁 Прочитано: 692



Реализирана тркалезна маса на тема: „Канада – вашата порта кон бизнисот“
ПРЕЗЕНТИРАНИ МОЖНОСТИ ЗА СОРАБОТКА И ИНВЕСТИРАЊЕ ВО КАНАДА ЗА МАКЕДОНСКИТЕ КОМПАНИИ

Во организација на Стопанската комора на Северна Македонија, а во соработка со Амбасадата на Канада во Белград и Почесниот конзулат во Скопје, беше реализирана тркалезна маса на тема: „Канада – вашата порта кон бизнисот“.

Целта на тркалезната маса беше презентирање на пазарните можности, инвестициската клима и правните и финансиски барања за започнување бизнис во Канада. Пред повеќе од 15 македонски компании беа презентирани условите кои Канада ги нуди на странските инвеститори.

Извршниот директор на Стопанската комора на Северна Македонија, м-р Антони Пешев, ја поздрави иницијативата за приближување на канадскиот и македонскиот пазар споделувајќи дека интенциите на Комората во следниот период се насочени токму кон создавање на услови за зголемување на извозниот потенцијал на нашите компании.

Хендрик Таулин, специјалист за странски директни инвестиции од Амбасадата на Канада во СР Германија ги презентираше различните услови за влез на канадскиот пазар кој овозможува онлајн регистирање на компанија, а благодарение на договорите за слободна трговија, секоја компанија која е регистрирана во Канада има слободен пристап до пазарите на повеќе од 51 земја со потенцијал од 1,5 милијарди корисници, вклучувајќи ги и пазарите на САД и Мексико што е доволен стимул за една компанија преку Канада да делува на пазарите во Северна Америка. Во своето обраќање г-дин Таулин се фокусираше и на бизнис опкружувањето во Канада, кое според глобалниот индекс на комплексност ја рангира Канада на четврто место помеѓу земјите од Г20, со најмалку комплексен правен систем за водење на бизнис.

Стоката со која се тргуваше меѓу Канада и Северна Македонија изнесуваше вкупно 13 милиони американски долари во 2021 година. Увозот од Канада во Северна Македонија во 2021 година се проценува на 3,07 милиони американски долари, а во најголем дел се однесува на увоз на месо, автомобили и делови. Извозот од Северна Македонија во Канада во 2021 година се проценува на 10 милиони американски долари и во најголем дел се однесува на извоз на железо, челик и тутун.
Според г-дин Таулин Канада нуди комерцијални можности за македонски компании во области како што се: рударството, информатичка и комуникациска технологија, одбраната и безбедноста, чиста технологија.

Врз основа на дебатата која се разви помеѓу учесниците произлегоа неколку иницијативи на кои ќе се работи во следниот период, кои би влијаеле на дополнително зголемување на трговската размена помеѓу двете земји. Стопанската комора на Северна Македонија активно ги следи сите можности и иницијативи и како репрезент на најголемата бизнис заедница во државата, во годината кога го одбележува својот јубилеј од 100-години постоење продолжува да биде гласот на бизнисот градејќи мостови кои ќе придонесат до создавање на додадена вредност за нашата економија.

м-р Михајло Донев
в.д. Оперативен директор за развој, иновации и знаење