Блаже Атанасовски, менаџер на оддел за инженерство, Џонсон Мети, Скопје.
“Силно ја препорачувам оваа програма на сите оние кои сакаат да ги прошират своите видици во разните вештини и теми кои се потребни за бизнис лидерите. Темите се одлично смислени со цел да се опфати голем обем на области со кои секој водач на еден бизнис ќе се соочи во текот на своето работење. Програмата е дизајнирана на начин да има добар баланс на предавачи од академскиот сектор со големо искуство во науката и праксата како и предавачи од бизнисот кои непосредно ги пренесоа своите искуства.
Со оглед на тоа дека моето образование е од областа на инженерството мене најголем впечаток ми оставија темите кои се поврзани со економските науки, темите беа доволно добро разработени за да пренесат основни познавања и да ме заинтригираат понатаму повеќе да читам и да се дообразувам во области за кои немам формално образование а со кои се среќавам често и ми се потребни за мојата работа”.
Британската компанија Џонсон Мети ја користи науката за да создаде почист, поздрав свет. Тие се светски лидер во производство на катализатори за автомобилската индустрија и системи на катализатори за контрола на загадувањето. Џонсон Мети работи во над 30 земји ширум светот и вработува повеќе од 15 000 луѓе. Една третина од сите нови возила ширум светот имаат катализатори од Џонсон Мети.
Џонсон Мети ја одбра РС Македонија како дестинација за својата европска мега-фабрика за автокатализатори во Технолошко-индустриската развојна зона Скопје 1. Ова е најголемиот инвестициски проект, а воедно и најсофистицирана и најнапредна фабрика на Џонсон Мети во светот и компанијата е најголем извозник од земјава. Џонсон Мети во Македонија вработува повеќе од 1.000 луѓе.
Џонсон Мети е долгогодишна членка на Стопанската комора на Северна Македонија а нејзиниот извршен директор г-динот Боријан Борозанов е член на координативниот тим на Советот за унапредување на високото образование и стратешки и стражувања и воедно е и член на Советот за унапредување на индустриското производство и извозот при Комората.
Владимир Христов, MBA, Раководител на Оддел за односи со корисници, ЕВН Македонија АД
“Програмата за бизнис лидери е одлично конципиран проект за мултидисциплинарна бизнис едукација. Голема предност на Програмата е спојот на теоретски постулати од различни деловни области со случаи од реалната бизнис пракса на реномирани предавачи и менаџери. Преносот на искуството е од непроценливо значење во насока на унапредување на вештините како и можност за личен бенчмаркинг на сите учесници”.
ЕВН Македонија АД Скопје е акционерско друштво кое е 90% сопственост на EVN AG, водечка австриска меѓународна компанија за енергетски и еколошки услуги, која котира на берза и 10% е во сопственост на Република Северна Македонија. ЕВН следи интегриран бизнис-модел што го покрива целиот синџир на вредност во енергетскиот бизнис. Активностите вклучуваат производство на електрична енергија, оператор на дистрибуција и снабдување со електрична енергија на регулирани потрошувачи и на корисници што се на отворениот пазар.
Модерната инфраструктура, како и флексибилната организација со високи перформанси, се стремат да ја обезбедат водечката позиција на ЕВН на пазарот. Најголем приоритет ЕВН дава на активности што ја штитат животната средина, бидејќи тоа е единствениот начин да се обезбеди одржлив долгорочен економски успех.
ЕВН е долгогодишна членка на Стопанската комора на Северна Македонија а г-динот Петар Штефан кој е претседател на УО на ЕВН Македонија АД Скопје е претседател на Советот на странски инвеститори при Комората од 2015 година.
Јованче Јошев, главен оперативен директор, ФЗЦ 11 Октомври АД, Куманово
“На младите генерации т.е младите mенаџери би им препорача да не штедат време и финансии за своето постојано едуцирање во менаџирањето. Од предавањата научив многу нешта за кои мислев дека ги знам”.
ФЗЦ 11 Октомври а.д. од Куманово денеска представува гигант не само во рамките на РС Македонија и Балканот, туку и многу пошироко, како препознатливо име за производство на електро заварени цевки и профили со висок квалитет.
Фабриката е акционерско друшво со доминантен приватен капитал и има околу 1.000 вработени, од кои голем дел се акционери. Таа располага со поголем број на производни капацитети за производство на заварени члични цевки и профили скоро од сите видови и големини, како и нивна соодветна антикорозивна заштита, со што се вбројува како еден од најзначајните производители на овие производи во Југоисточна Европа и важи за сигурен партнер со долгогодишна традиција.
Во изминатиот период од непрекинато производство и учество во изградба на сите позначајни цевководи за вода, гас и нафта, фабриката стекна огромно искуство и високо реноме со усвојување на најстроги критериуми за квалитет во релевантни EN, ISO и водечки национални стандарди ( API; ASTM; DIN; BS; NF; UNI; GOST и др.) Голем број од широкиот асортиман на производи ФЗЦ 11 Октомври а.д. Куманово пласира во соседните земји на Балканот, но исто така и во земјите на Западна Европа.
ФЗЦ 11 Октомври а.д. Куманово е долгогодишна членка на Стопанската комора на Северна Македонија.
Владимир Златковски, директор за продажба и маркетинг, Винербергер ДООЕЛ Виница
“Мислам дека оваа обука е одличен вовед на идните менаџери и управители на Македонските компании, со што ќе се запознаат со основите на проблемите и решенијата што секој нов менаџер треба да ги знае”!
Винербергер ДООЕЛ Виница е најголемиот светски производител на тули и фасадни тули, лидер на пазарот за покривна глинена ќерамида во Европа, како и за бетонски плочи и плочки во Средна и во Источна Европа. Во Виница има повеќе од 120 вработени а палетата на производи е 200.
Wienerberger Building Solutions (WBS) е присутен во 31 земја од Европа, како и во Кина, Индија и САД, брои повеќе од 10.200 вработени и поседува 227 погони во 27 земји. Компанијата Wienerberger е основана во Виена во 1819 година, каде што и ден-денес е нејзиното седиште. Wienerberger AG е единствен мултинационален произведувач на глинени блокови за ѕидови, фасадна тула и глинена ќерамида, пластични и керамички цевни системи, како и бетонски и глинени плочки.
Винербергер ДООЕЛ Виница е долгогодишна членка на Стопанската комора на Северма Македонија.
Горан Божиновски, директор на интерна продажна мрежа, Кроациа осигурување-живот ад Скопје
“Имав чест да присуствувам на одлично организирана и структуирана обука од страна на Стопанската комора на С. Македонија. Иако на обуката бевме присутни вработени од различни бранши и на различни позиции, моите впечатоци се дека имаше “за секој по нешто”. Алатките и знаењето кои безрезервно ни ги пренесуваа предавачите и менторите, сигурен сум дека ќе помогнат во кариерниот и личен развој на секој слушател.”
Пазарот за животно осигурување во РС Македонија официјално започна да се развива во 2005 година со основање на првата компанија за осигурување на живот во земјава Кроациа Осигурување – Живот АД Скопје. Од самото основање компанијата бележи позитивен тренд на работа и ја јакне својата пазарна позиција. Преку постојано воведување на иновации, нови производи, воспоставување на супериорен систем за грижа на корисници и праведен и брз систем за решавање на штети, Кроациа Осигурување – Живот се издвои како компанија која за македонските граѓани претставува синоним за сигурност и квалитет.
Кроациа осигурување-живот ад Скоппје е прва компанија во Република Северна Македонија со добиена дозвола од Министерство за финансии за продажба на полиси за животно осигурување.
Компанијата е членка на коморското семејство од нејзиното основање.
Зоран Петровски, директор на служба за проектно финансирање, Шпаркасе Банка АД Скопје
“Да бидам дел од првиот циклус од Програмата за бизнис лидери во организација на Стопанската комора на Северна Македонија беше привилегија и задоволство за мене. Програмата на едно место ги соедини група на млади професионалци од различни сегменти од економијата, зближени во заедничка цел да се научи нешто повеќе. Различните модули беа добра симбиоза на теоријата и праксата и прилика непосредно од образовната и бизнис елита да добиеме една поширока слика на различните аспекти од бизнисите. Она што највеќе инспирираше е можноста од прва рака да ги чуеме животните приказни на дел од лидерите во реалниот сектот во државата и начнеме дел до нивните тајни на успехот. Програмата топло ја препорачувам на секој со амбиција за себенадградување и афинитети за раст.”
Шпаркасе Банка АД Скопје е долгогодишна членка на Комората и на Здружението за банкарство при Комората од самото негово формирање.
Како вистински експерт во областа на финансиите, Шпаркасе Банка АД Скопје овозможува широка понуда на банкарски производи и услуги наменети за поддршка, развој, финансирање на физички и правни лица. Клиентски ориентирана, Банката е присутна на македонскиот финансиски пазар со 20-годишна традиција и искуство во банкарскиот сектор. Како членка на групацијата „Steiermärkische Sparkasse", Шпаркасе Банка ја има определбата за континуирани инвестиции во развојот на Банката во Северна Македонија, понуда на атрактивни и издржливи решенија за финансиските потреби на нивните клиенти, етаблирање на Шпаркасе Банка како банка од доверба и најпочитувана финансиска институција во РС Македонија и силен партнер не само за клиентите, туку и за заедниците каде што делуваат и работат.
Илија Милков, асистент директор на одржување, Еуроникел Индустри Кавадарци
“Интересна селекција на теми и вештини со кои секојдневно се среќаваме како во секојдневниот живот така и во професионалниот свет. Ми беше интересно и задоволство да ги следам модулите и да ги усовршам моите вештини”.
Александар Кузманов, асистент директор на производство во Еуроникел Индустри Кавадарци
“Прекрасни импресии, искуства и контакти стекнати во последниве шест месеци кои ќе траат и понатаму како на професионално така и на приватно поле.
Од почеток до крај беспрекорна организација на сите модули. Голема благодарност до сите предавачи и модератори на модулите, имаше што да се научи од секој од нив. На секој кој што сака да напредува и да се надградува во кариерата топлo им ја препорачувам обукава”.
Еуроникел Индустри Кавадарци поседува и управува со фабрика за преработка на никелова руда во Кавадарци, Северна Македонија. Во фабриката се произведува висококвалитетен никел во форма на фероникел за употреба во индустријата за производство на нерѓосувачки челик. Како одговорен производител тие се посветени на континуирано подобрување на перформансите на нивното работење во корист на сите засегнати страни. Вработуваат околу 1000 луѓе, што ги прави еден од најголемите работодавачи во Северна Македонија и преку нивниот ланец на снабдување, имаат значаен голем придонес кон економијата на земјата. Еуроникел беше купена во 2019 година од страна на ГСОЛ (Global Special Opportunities Ltd.-GSOL).
Компанијата е долгогодишна членка на Стопанската комора на Република Северна Македонија и член на Металуршкото здружение при Комората.
Филип Велески, менаџер на компанијата и Елена Мирческа, раководител на сектор за човечки ресурси, Комфи ангел, Прилеп
“Концептот и динамиката на програмата беше одлично испланиран. Искусните предавачи преку интерактивниот пристап, отворија полиња за размислување и за развој на нови идеи во рамките на постоечкото работење. Она што ни беше особено позитивно е вмрежувањето меѓу учесниците и предавачите, кои преку нивното несебично споделување на искуставата дополнително допринесе за збогатување на нашите знаења. Како најинтересни би ги издвоиле модулите за корпоративни вредности, лидерство и маркетинг, но генерално во сите модули имаше предавачи кои споделуваа ситуации од пракса и отвараа прашања за дискусија, од кои ние научивме најмногу. Особено значајни беа и посетите во компаниите.
Со задоволство ја препорачуваме програмата на идните лидери кои сакаат да ги збогатат своите знаења и да се стекнат со нови практични вештини кои ќе ги пренесат во нивното секојдневно работење”
„Комфи Ангел‟ ДОО Прилеп е македонско-британска компанија основана во август 2004 година во Прилеп. Специјализирана за производство на перници, јоргани, прекривки, заштитници за душеци, вреќи за спиење, постелнина во различни дезени и од различни материјали, компанијата има месечен капацитет на производство од околу 500.000 перници, 150.000 јоргани, 150.000 заштитници за душеци, 150.000 прекривки. Работи на површина од 35.000 м2 со околу 760 вработени. Како извозно ориентирана компанија присутна во над 30 земји, „Комфи Ангел‟ ДОО се обидува да оствари одржлив раст на продажбата од година во година. Директно (вклучувајќи ги брендовите Somnia, Somnia+, Sung и Rest_.ne) или индиректно снабдува светски познати синџири: „Carrefour“, „Action“, „Kaufland“, „Rewe“, „Aldi“, „Lidl“, „Netto“, „Metro“. Ирена Јакимовска која е управител на „Комфи Ангел‟ ДОО Прилеп од самото основање на компанијата е и претседател на Регионалната комора со седиште во Прилеп при Стопанската комора на Македонија, член на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија и член на Собранието на Комората.
Маја Лазарова Стојевска, раководител на пакување на лекови, Алкалоид АД Скопје
“Благодарна сум за можноста да учам од лидерите во економијата во С.Македонија. Сите модули и предавачи беа инспиративни и поттикнаа желба за доедукација и надградување”.
Здравото човечко тело понекогаш буди повеќе од искрена восхит. За тимот во „Алкалоид“, постојана инспирација и стремеж е да го заштитат и сочуваат овој скапоцен подарок на природата. Со неуморна страст создаваат производи кои се синоним за врвен квалитет. Постојано инвестираат во нивниот сон за поздрав живот на секој поединец затоа што веруваат дека ЗДРАВЈЕТО Е ПРЕД СÈ. „Алкалоид“ AД Скопје е компанија која повеќе од осум децении работи на производство на лекови, преработка на билни суровини и на производство на козметички и на хемиски производи.
„Алкалоид“ АД е акционерско друштво, во чии рамки работат два профитни центри: Фармација и Хемија, козметика и билкарство. Има две подружници во земјава, 18 подружници и 2 претставништва во странство (во Србија, Црна Гора, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Швајцарија, Бугарија, Турција, Украина, Руска Федерација, САД и Велика Британија).
Друштвото брои 1.860 вработени во земјата и 560 вработени во подружниците и во претставништвата надвор од РС Македонија. Акциите на „Алкалоид“ се во сопственост на над 5.000 акционери, физички и правни лица.
Алкалоид АД Скопје е долгогодишна членка на Стопанската комора на С.Македонија, а м-р Живко Мукаетов, претседател на Управниот одбор и генерален директор на компанијата е воедно заменик-претседател на Комората.
Кире Јовески, регионален менаџер по продажба, П.И. ВИТАМИНКА А.Д. Прилеп
„Имав чест да присуствувам на првата обука од програмата за бизнис лидери на која што присуствуваа голем број на предавачи докажани имиња од сверата на бизнисот, образованието и економското опкружување. Слушнав доста инспиративни мотивациски говори на различни комбинирани теми кои што ми помогнаа да jа подобрам матрицата на дејствување како и ги проширам хоризонтите на размислување. Искуствено беа споделени доста корисни информации од реалното тековно економско работење и проблематика со изнаоѓање на решенија со соодветен пристап кон истите. На крајот се стекнав со нови знаења и вештини кои што ќе ми овозможат да имам подобар пристап кон справувањето со тековните предизвици“.
Витаминка Прилеп е квалитет, традиција и богатство на вкусови. Потврден квалитет, иновативност во производи, моделирање на пазарот и доминација на домашниот пазар, тоа се синонимите кои се врзуваат со Витаминка. Денес Витаминка претставува најголемиот производител во прехранбената индустрија на земјата, но растот и развојот на компанија се одвива во континуитет скоро 70 години во текот на кои компанијата разви и пласира повеќе од 400 различни пакувања во над 20 категории, намази, сосови, супи, зачини и додатоци за храна, масло за јадење, инстант пијалаци, флипсови, чоколади и широка блага програма. Истовремено Витаминка континуирано работи и на пробивање на светските пазари, така што компанијата со 47 отсто од своето производство е присутна во над 30 земји од целиот свет. На пазарите со различни консументски карактеристики, Витаминка се натпреварува исклучиво со квалитетот на своите производи, уникатниот брендинг и обемната програма од различни категории. Ги извезува скоро сите свои производи со доминација на чоколадната програма, чоколадните школки Атлантис, Стоби Флипс, Чоко Стоби, Цевитана, мајонезот Витанез, меките кекси Frutti, интегралните кекси Деспина. Стремејќи кон поголема конкурентност, компанијата има постигнато договори за посебна програма лиценцирани производи со DC Comics и Looney Tunes. За прилагодување кон новите нутритивни трендови и производни практики, Витаминка ги има имплементирано најнапредните стандарди со што е ISO сертифицирана за квалитет а го поседува и сертификатот за Халал стандардот.
Во Стопанската комора на Северна Македонија од минатата година е формиран Советот за високо образование и стратешки истражувања заради зголемување на вештините и знаењата на менаџерите од повеќе нивоа на сите компании. Во рамките на овој Совет развиени беа две Програми. Првата програма за бизнис лидери која има за цел унапредување на вештините на претприемачите од средните и големите компании и втората програма за зголемување на вештините на претприемачите од малите и средни бизниси.
Двете Школи стартуваа со предавањата на 9-10 декември 2021 година а успешно завршија со свечено доделување на сертификати на учесниците на 7-9 јуни 2022 година. Вкупниот број на поминати учесници од двете програми беше 49 учесници од 35 компании, преку 14 модули и 74 предавачи во двете програми.
Програмата за бизнис лидери беа обработени 7 модули на следните теми: 1. Мотивациони говори-моето лично искуство, 2. Интерпретација на макроекономскте показатели (интерпретирање на економски индикатори потребни за бизнисот), 3. Интерпретација на корпоративните финансии, 4. Корпоративни вредности во компанијата, 5. Лидерство: принципи, типови и теории на лидерство-Успешни приказни, 6. Техники на преговарање и 7. Комуникација, промоција и маркетинг (теоретски и практичен/индивидуален дел)
Во Програма за развој на мали и средни бизниси исто така имаше 7 модули а темите беа следните: Практични аспекти на работењето на малите и средни бизниси, 2. Градење на тимска работа, 3. Современи модели за развојно менаџирање со финансиите и ефектни менаџмент-техники за финансирање на растот и на развојот на малите и средни бизниси, 4. Проектно работење, дефинирање на матрицата (цели-активности-индикатори-резултати), финансирање на ефикасноста на компанијата (презентација на кредитните линии и грантовите за зголемување на ефикасноста и извозната конкурентност на компанијата), 5. Рециклирачка економија, обновливи извори на енергија, нови технологии (регионални и светски трендови), зголемување на конкурентноста и ефикасноста на компанијата и 7. Комуникација, промоција и маркетинг (теоретски и практичен/индивидуален дел).
Предавачи на сите модули беа успешни менаџери на компании, наши врвни експерти на наведените теми кои работат во земјава и странство, академици, реномирани професори...
Во периодот кој следува Советот за високо образование и стратешки истражувања ќе ги промовира поединечно сите претприемачи кои успешно ги завршија двете Школи за унапредување на нивните вештини.
Стопанската комора на Северна Македонија им се заблагодарува на сите предавачи кои целиот овој изминат шест месечен период максимално се вложија и ја поддржаа мисијата на Комората да креираме база на идни лидери кои во следниот период ќе ги предводат нашите компании за уште поуспешно бизнис работење и во РСМ и надвор од неа. Стопанската комора на С. Македонија им се заблагодарува и на сите учесници кои и покрај своите работни обврски и одговорности во компаниите присуствуваа на овие обуки, ги разменија своите искуства, ги надградија своите знаења и практично потврдија дека образованието и кадарот-човечките ресурси во една компанија се најголемото богатство и фактор за раст и развој.
Претседател на Советот за високо образование и стратешки и стражувања и ментор на програмата за Бизнис лидери е д-р Глигор Бишев, координатор на Советот и ментор на Програмата за бизнис лидери е д-р Јелисавета Георгиева Јовевска, потпретседател на Стопанската комора, а ментори на Програмата за развој на мали и средни бизниси се д-р Ристо Јаневски и м-р Антонета Манова Ставреска.
Советот продолжува со организирање на новите шест месечни програми со збогатени содржини и уште поголем број на предавачи-експерти од месец ноември 2022 година.