ЦЕФТА го претстави Дополнителниот протокол 6 за трговија со услуги пред македонските стопанственици
➢ Актуелно (07.12.2021, во 12:41:21)
👁 Прочитано: 654



Отстранување на ограничувањата за трговијата со услуги во Западен Балкан благодарение на Дополнителниот протокол 6 на ЦЕФТА
ЦЕФТА  го претстави Дополнителниот протокол 6 за трговија со услуги пред македонските стопанственици

Секретаријатот на ЦЕФТА во соработка со Коморскиот инвестициски форум и Стопанската комора на Северна Македонија, организираа работилница за ЦЕФТА Дополнителниот протокол 6 за трговија со услуги , со акцент на тоа какви придобивки носи протоколот за македонската економија и за регионот и како може да придонесе за поуспешно создавање на заеднички регионален пазар на Западен Балкан.

Дополнителниот протокол 6 обезбедува сеопфатна рамка за трговија со услуги во регионот и се заснова на Општиот договор за трговија со услуги (ГАТС). Протоколот особено се фокусира на ограничувањата за пристап до пазарот и ограничувањата поврзани со дискриминација на странски компании против домашни. Во повеќе од 100 различни сектори, страните на ЦЕФТА се обврзаа да не воведат, или доколку веќе постојат да ги отстранат, ограничувањата за пристап на пазарот, како и да обезбедат ист третман за домашните даватели на услуги и оние од другите страни потписнички на ЦЕФТА договорот. Покрај овие одредби, Протоколот обезбедува рамка за работа на понатамошно отстранување на бариерите, особено во чувствителните областите  на економијата како што се: лиценци, дозволи, професионални квалификации.

Во оваа насока, Протоколот воведува обврска за отстранување на ограничувањата на трговијата со услуги и дава гаранција дека нема да се воведат ограничувања во иднина меѓу страните на договорот ЦЕФТА, што е особено корисно:

за бизнисмени кои ги нудат своите услуги на потрошувачите на други пазари на ЦЕФТА, без физичко присуство,

за потрошувачот да добие услуга кога патува од едната во друга ЦЕФТА страна,

• Кога услугата се обезбедува преку подружница или претставништво на друг пазар на ЦЕФТА,

• Кога поединци привремено се испраќаат од еден на друг ЦЕФТА пазар за да ја испорачаат услугата.

„Благодарение на дополнителниот протокол 6 за трговија со услуги (ДП6), системот за слободна трговија во ЦЕФТА договорот е подобрен, кој сега е проширен и во услужниот сектор. Протоколот во принцип ги обврзува Страните да не наметнуваат ограничувања за пристапот на пазарот и да ги третираат компаниите од другите страни во договорот ЦЕФТА како домашни. Дополнително, Протоколот отвора можности за отстранување на конкретни бариери во иднина. Сметаме дека оваа мерка ќе придонесе за зајакнување на економската соработка и создавање заеднички пазар на Западен Балкан, а со тоа директно ќе ги подобри деловните услови за сите бизниси во регионот“, изјави Здравко Илиќ, експерт за трговија со услуги, од Секретаријатот на ЦЕФТА. 

„Намалените бариери значат зголемена доверба, отворени врати за поголема соработка, повеќе заеднички потфати и проекти низ целиот регион. Во процесот на креирањето на заедничкиот регионален пазар, кој во суштина треба да обезбеди слободно движење на луѓе, стоки, услуги и капитал низ целиот регион, Протоколот адресира прашања кои се од суштествено значење, и бизнис заедницата од регионот со нетрпение ја очекува неговата целосна имплементација. Во иста насока се и дел од активностите кои Коморскиот инвестициски форум, со поддршка на ЕУ, ги покренува кон компаниите од регионот – овие активности вклучуваат мапирање на добавувачите на услуги од регионот на Западен Балкан со цел нивно вклучување во регионалните ланци на снабдување, како и функционалностите на двете датабази кои се изготвуваат (Market access and Market Intelligence Database) кои за компаниите треба да го олеснат наоѓањето на информации за пристап до некој од другите пазари од регионот, вмрежувањето со нови партнери и заедничкото учество на настани“ изјави д-р Татјана Штерјова Душковска, генерален секретар на Коморскиот инвестициски форум.ЦЕФТА (Централноевропски договор за слободна трговија, ЦЕФТА) е регионален трговски договор кој значително ја подобри и поттикна трговијата на Западен Балкан, делувајќи како катализатор за иницијативи насочени кон продлабочување на економската соработка и создавање заеднички пазар во овој регион.

ЦЕФТА Дополнителниот протокол 6 за трговија со услуги беше усвоен во 2019 година и стапи на сила на 11 јануари 2021 година. Овој документ го прошири принципот на слободна трговија во рамките на ЦЕФТА и на услужниот сектор.

 
Служба за информирање при Комората