ПРОДОЛЖУВА ПОСЕТАТА НА АЗЕСКИ НА КОМПАНИИ ОД ИСТОЧНИОТ РЕГИОН
👁 Прочитано: 426




ПРОДОЛЖУВА ПОСЕТАТА НА АЗЕСКИ НА КОМПАНИИ ОД ИСТОЧНИОТ РЕГИОН

Денеска (11.11.2021 година) претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, во придружба на потпретседателите на Комората, Глигор Цветанов и д-р Елена Милевска-Штрбевска, ќе оствари работни средби во Виница и во Штип со компании од источниот регион, активни долгогодишни членки на Комората, кои се меѓу најуспешните  компании од овој регион според годишниот промет и според приходите („Макпрогрес“ – Виница, „Амфенол технолоџи Македонија“ – Кочани, „Винербергер“ – Виница, Рудниците „Саса“ и „Бучим“, „Мебел ви“ – Виница, „Европа 92“ – Кочани, „Мода“ – Свети Николе, „Оаза“ – Штип, „Албатрос“, „Вабо“, „Кит го“ и „Зендолино“ – Штип и други).

На средбите ќе се разговара за тековните прашања и предизвици со кои се соочуваат компаниите од овој регион, за енергетската ситуација во земјава и за можностите за справување со недостигот на електрична енергија на домашниот пазар во наредниот период, како и за прашањата поврзани со владеењето на правото и на правната држава.

       
 
Во посета на „АгроБар“ – Виница и на „ТМ“ – Штип

 

Стопанската комора на Северна Македонија во континуитет ги следи потребите на своите компании членки и презема конкретни решенија за соочување со големиот број предизвици. Во контекст на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок, на средбите ќе се разговара за подигнување на свеста кај деловните субјекти за можноста споровите да се решаваат со арбитража, наместо преку суд, низ долгите и неефикасни судски постапки.

Доста се жалевме на тешкиот пат до правдата. Време е да почнеме да ги користиме алтернативните алатки за решавање на споровите и што почесто во трговските договори да ја користиме препорачаната арбитражна клаузула на Постојаниот избран суд – Арбитража, која функционира како независна институција при Комората, за да дојдеме на полесен начин до правдата, со брза и со ефикасна постапка. Да ги промениме пристапот и начинот на размислување, да бидеме проактивни и да ја развиваме арбитражната култура и свест и кај нас!

Служба за информирање при Комората