ТАНДЕМ ЗА НАПРЕДОК
👁 Прочитано: 3739



Позитивен пример кој треба да влијае на промената на нашиот менталитет, што е основ за напредок на нашата држава.
ТАНДЕМ ЗА НАПРЕДОККликни за повеќе

Менталитетот на луѓето го одразува нивниот карактер, нивната личност, а менталитетот на народот се одразува на состојбите во општеството во целост. Она што е сигурно е дека менталитетот е делот од луѓето кој најтешко се менува. Да се влијае на промена на менталитетот на луѓето кон подобро значи да се прават напори и за промени на состојбите во државата.

А за тоа треба позитивни примери. Ние во Комората имаме такви.

Има еден тандем во Стопанската комора којшто незабележително остава длабоки траги во нејзиното функционирање. Тоа е еден фокусиран тандем кој нормално не го губи времето, туку е сто процентно посветен на својата работа и според мене, треба да биде потенциран како тандем на кој треба да се огледаат сите други. 

Андреа Серафимовски и м-р Нена Николовска се тандемот кој заслужува да биде потенциран, а посебно гранката која ја опслужуваат и која е од големо значење за македонската економија. Станува збор за Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите, во кое членуваат сто и осумдесет компании, од кои, сто и дваесет, имаат континуирана комуникација и коишто опфаќаат 7,2% од вкупниот број на активните деловни субјекти во државата. 

Постои нагорен тренд во нивниот број, така што ако во 2010 година активни биле 4.368 компании, десет години подоцна, активни се 5.263 компании. Најголем дел од нив, односно речиси 85 % се микро претпријатија со 1-9 вработени. Малите компании до 20 вработени учествуваат со 6,2%, а најголемите компании кои вработуваат над 250 вработени имаат учество од само 0,2%.

Градежништвото е од витално значење за домашната економија, бидејќи покрај неговото процентуално учество во БДП-то кое во просек изнесува 6%, повлекува ангажман и на околу дваесет и пет други стопански гранки. Нормално дека градежништвото ги следи растот и падовите на македонската економија, меѓутоа за нас, тоа е значајна гранка .

Вредноста на извршените градежни работи во последните десет години изнесува 400,9 милијарди денари со раст од 61,7%. Во периодот 2010 – 2020 година биле издадени вкупно 31.634 одобренија за градба. Од нив 3.828 се во делот на нискоградбата, додека 20.736 во делот на високоградбата.

Во структурата на вработените 93,8 % се мажи, а само 6,2% се жени од 53.376 лица кои работат во овој сектор. Младите лица на возраст од 15 – 29 години се најмалку застапени како работници во оваа стопанска гранка со само 17,6%.

Просечната нето плата по вработен изнесува 25.375 денари.

Што се однесува до запишаните и дипломираните студенти на Градежниот и Архитектонскиот факултет се забележува пад по 2015 година.

Домашните градежни претпријатија изведуваа инвестициони работи на Блискиот Исток, Русија, Украина, Албанија, Бугарија, Чешка, но во последните години македонската оператива е сѐ помалку присутна на странскиот пазар. Во 2010 година вредноста на извршените градежни работи во странство изнесувала 2,4 милијарди денари, додека во 2020 година само 162,7 милиони денари. Интересно е што домашната оператива речиси и да не е присутна на некогашниот југословенски пазар.

Сето ова што претходно го кажав можете да го најдете во новата Брошура што ја издаде нивното Здружение под наслов „Бројки што треба да ги знае секој градежник“.  

Најискрено и добронамерно им сугерирам на сите облици на организирање на Стопанската комора да го направат истото, а раководството на СКСМ да издаде една Брошура под наслов „Бројки што треба да ги знае секој вработен во Комората“, а се однесуваат на вкупните потенцијали и реалната економија на сите оние што ги застапуваат.

На крајот во пресрет на стогодишнината на коморскиот систем на РСМ сакам да кажам едно - Мојата сугестија е дека Стопанската комора во годината во која слави 100 години од своето постоење мора да го покрене клучното прашање за развој на оваа гранка, а тоа е донесување на државна стратегија за развој на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите. Без таква стратегија овие бројки нема да одат напред, а последици од тоа ќе има и вкупниот бизнис. 

Андреа и Нена мора да се наметнат посериозно во самата структура на Комората, а Комората мора да се наметне со аргументиран пристап пред надлежните државни институции. Со тоа ќе се обезбеди рамка на натамошното дејствување кое ќе резултира со поголеми бројки и поголемо учество во вкупната економија. Ако сме кажале дека извозот е клучниот приоритет за развој на нашата држава, тогаш е јасно дека градежништвото не смее да остане на страна.

П.С. Не знам зошто, но секогаш кога сум пишувал на оваа тема, одзивот и коментарите биле на највисоко можно ниво. Мислам дека оваа гранка е длабоко вкоренета во нашето минато и сегашност, и затоа, наша обврска е така да остане и во иднина.

Бранко Азески
Претседател на Стопанска комора на Северна Македонија