ПРЕКУ ОБУЧЕНИ ОБУЧУВАЧИ НА МЕНТОРИ ЗА ПРАКТИЧНА ОБУКА ВО КОМПАНИИ ДО КВАЛИТЕНИ МЕНТОРИ ВО КОМПАНИИ
➢ Актуелно (17.09.2021, во 14:24:03)
👁 Прочитано: 1330




ПРЕКУ ОБУЧЕНИ ОБУЧУВАЧИ НА МЕНТОРИ ЗА ПРАКТИЧНА ОБУКА ВО КОМПАНИИ ДО КВАЛИТЕНИ МЕНТОРИ ВО КОМПАНИИ

Стручното образование значи синергија на теорија во училница и практична обука на реално работно место во компанија. Но реализацијата на практичната обука во компанија или фирма не е возможна доколку работодавачот во работната организација не обезбеди соодветни услови за реализација на практичната обука, соодветна работна средина, опрема, алати и машини и лице-ментор кое ќе ги води учениците низ работниот процес во самата компанија.

За да го стекне звањето ментор за практична обука, вработеното лице од компанијата мора да помине тридневна обука за ментори која ќе му помогне да ја запознае образовната законска регулатива, комуникацијата со учесниците во процесот, посебно со учениците, подготовка на планот за реализација на практичната обука кој треба да биде во корелација со наставната програма за дадената квалификација, и следењето и вреднувањето на напредокот на учениците.

Досега процесот на сертификација на ментори во организација на Стопанската комора на Северна Македонија го поминале околу 350 ментори од повеќе компании, но имаме само 3 искусни обучувачи кои ги реализираат обуките за ментори. Тргнувајќи од фактот дека интересот на работодавачите да вклучат ученици на практична обука во нивните работни организации e сѐ поголем, посебно со новата уписна политика оваа учебна година која се креираше според потребите за квалификации на работодавачите, и се вклучија дополнително 211 компании, кои треба да поседуваат сертифицирани ментори, се појави нов проблем од недостаток на обучувачи за ментори.

За таа цел, во рамки на Проектот „Образование за вработување во Северна Македонија“   во тек е реализација на тридневна обука за обучувачи на ментори за практична обука во компании (16-18 септември, Охрид). Обуката ја реализираа искусни обучувачи според изработена Програма за обука на обучувачи на ментори. На обуката учествуваат претставници од коморите и трите Регионални центри за стручно образование и обука и советници од Центарот за стручно образование и обука. По завршување на обуката, учесниците ќе се здобијат со Сертификат за обучувач за ментори, доколку го положат завршниот испит кој е дел од Програмата за оценување на постигнатите резултати од учењето.

 
м-р Наташа Јаневска
Експерт во организационата целина за претставување на членките и вмрежување