Основањето на регионалните центри за стручно образование и обука претставува решение кое во форма на јавно-приватно партнерство обезбедува соработка помеѓу реалниот сектор и образовните институции во насока на градење пазарно ориентиран квалификуван кадар кој одговара на барањата и потребите на реалниот сектор.
Претставници на Стопанската комора на Северна Македонија во рамки на Проектот Образование за вработување во Северна Македонија - Е4Е@мк го посетија Регионалниот центар за стручно образование и обука за квалификации од угостителско-туристичкиот сектор “Ванчо Питошески” од Охрид, кој претставдува еден од трите регионални центри кои беа основани во 2021 година.
Од страна на претставниците од училиштето беше потенцирано дека соработката со угостителските – туристичките објекти (хотели, мотели, хостели, ресторани) од Охрид и Струга е од особено значење во подигнување на квалитетот на наставата која покрај теоретска настава опфаќа и практична настава во училишни кабинети, феријална и практична обука на реално работно место.



Регионалните центри се основаат со цел подигнување на квалитетот на стручното образование преку образовни програми и профили кои се побарувани од компаниите во регионот, давајќи можност на учениците од различни градови од регионот да добијат знаења и вештини кои се бараат на пазарот на труд. На тој начин се создава можност за вложување во современа опрема и машини на едно место со што ќе се подигне квалитетот на практичната обука, а тука голема улога има вклученоста на реалниот сектор во реализацијата на практичната обука. Училиштето располага и со современо опремени кабинети кои дополнително го олеснуваат спроведувањето на практичната настава, овозможувајќи адекватни услови за стекнување знаења и вештини кои ги трансформираат учениците во подготвен кадар на пазарот на труд.