ГАЛЕБОТ ЛИВИНГСТОН, БИЗНИСОТ И ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ
👁 Прочитано: 867



Реформи, зголемување на буџетот за образование, наука, истражувања и иновации, подигање на достоинството на професорите, соработка со бизнисот, зајакнување на вештините и практична обука за студентите и предвидување на идните потреби
ГАЛЕБОТ ЛИВИНГСТОН, БИЗНИСОТ И ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ

Постојат многу отворени теми кога станува збор за високото образование, но мора да признаеме дека во последно време високото образование и бизнисот сè повеќе се приближувaат еден кон друг. Технологијата доживува вртоглав раст, а бизнисот е брз и динамичен и се прилагодува на технолошките промени. Високото образование одамна го загуби својот традиционален облик, а нефлексибилноста на промените, неговата предвидливост на долг рок и живеењето во затворен круг ја спречуваат неговата можност да го следи чекорот со бизнисот во обезбедувањето кадар и иновации за неговите потреби и работење. Но бизнисот не може со леснотија да гледа на ваквите состојби и гласно говори дека даноците кои ги плаќа не сака да одат во оние институции кои продуцираат неквалитетни кадри, бидејќи сето тоа го многу чини и предизвикува намалување на продуктивноста во работењето, во квалитетот на услугите и производите и го прави неконкурентен на домашниот и глобалниот пазар. Овие случувања бараат корените промени во високото образование. Сето ова изгледа многу нормално и прифатливо.

Конференција за високото образование на тема: Високото образование и бизнисот-заеднички предизвици и приоритети“  која неодамна се одржа во зедничка организација на Стопанската комора на Северна Македонија, Универзитетот „Св. Климент Охридски“- Битола и бизнис заедницата покажа дека полека се буди свеста за потребата од заедничко функционирање на високото образование и бизнисот за создавање кадри кои ќе поседуваат реални, употребливи знаења и практични вештини. Заедничката соработка бара квалитетна студиска настава (модернизирана студиска програма базирана на резултати на учење и критериуми за вреднување на резултатите) и солидно подготвени професори-предавачи на високообразовните институции, од една страна, и практична обука и истражувања во компаниите, од друга страна. Мерливоста на заедничката соработка значи брзо вработување на дипломираните студенти. Согледувајќи го фактот дека во земјата има 156.432 или (16,6%) невработени лица, активни баратели на работа, а 9% од нив се со високо образование, вклучително и 960 магистри на науки и 29 доктори на науки, околу 80% се долгорочно невработени, како одраз на неусогласеност на вештините и компетенциите, тогаш не може да се каже дека е исполнет критериумиот за мерливост- препознавање на кадарот на пазарот на труд и негово брзо вработување. Тоа насочува кон градење на пазарно-ориентиран образовен систем со заедничка соработка на високобразовните институции и бизнис заедницата, фокусиран на креирање компетентни човечки капацитети преку инволвирање на компаниите во процесот на градење кадар и постигнување на квалитетни компетенции.

  

Состојбите мораат перманентно да се подобруваат. Затоа е значајно бизнис заедницата да се вклучи во изработка на студиските програми како најупатена какви знаења, вештини и компетенции се потребни и да учествува во високообразовните тела за градење на високообразовни политики што ќе придонесе за осигурување на квалитетот во високото образование, затоа што таа ги апсорбира дипломираните стручни кадри. Оние кој го познаваат процесот на заедничка соработка знаат дека е  потребно образовните власти, преку соодветни прописи, да го уредат учеството на бизнис заедницата, но не во смисла да се преоценува потребата од неа, туку:

      Првоза потребата од воведување нови квалификации како резултат на модерните технологии и опрема кои ги применуваат во работните процеси и креирање нови работни места;

 Второ, за реализација на практичната обука во компаниите за обезбедување дополнителни стручни вештини, значајни пред сè, за одржлива продуктивност;

      Трето, за поттикнување на истражувањата и иновациите потребни за креирање на политика на раст и развој  на компаниите и за идни вложувања и

      Четврто, за осигурување на квалитетот во високото образование и образување на студенти со адекватно знаење и функционални вештини, препознати и прифатени на пазарот на труд.

За крај, Галебот Џонатан Ливингстон од истоимената новела на авторот Ричард Бах, не е случајно избран. Неговата желба и упорност да се издигне над обичното и да го достигне совршенството може да биде патоказ за унапредување на високото обрзование и зајакнување на соработката со бизнис заедницата. Ако се постават цели и се знае смислата надополнета со желба и упорност, тогаш не постојат граници што би го спречиле достигнувањето на совршенството, а тоа значи отелотворување на  совршенството во самото високо образование и неговата трка со знаењето и иновациите кои немаат граници.

 

 
м-р Наташа Јаневска
Експерт во организационата целина за претставување на членките и вмрежување