Почитувани стопанственици, членки на најголемата и најстара бизнис-заедница во Македонија.
👁 Прочитано: 6559



Почитувани стопанственици, членки на најголемата и најстара бизнис-заедница во Македонија.

Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија

Не треба да повторувам што сѐ немаме направено од првичната информација за појавата на економската криза поврзана со вирусот корона. Низ сиот тој период поминавме многу непреспиени ноќи, нервозата достигнуваше највисоко ниво, а притисокот беше максимален. Аплаузот што го добивме на отворената сцена на 19 мај во хотелот „Белви“ од членовите на Собранието како признание за нашата работа е поголемо од секое друго признание, затоа што дојде од највисок орган, кој по состав и по персонални решенија Комората никогаш досега и го немала. Но тоа како да не` обврза да продолжиме да работиме уште подобро. Не велам дека не грешевме, но сигурно стекнавме значајно искуство за работа во кризни ситуации. Појачувањето на темпото на работа не беше јавно објавено затоа што дваесетина дена течат тешки преговори зад сцената за третиот сет мерки, кој мора да доведе до конкретна финансиска поддршка за компаниите, кои иако погодени од кризата, успеваат да се задржат на нозе. Тука ги искористивме сите наши потенцијали и сите наши лобисти; сите наши способности за преговарање и за убедување и денеска можам да кажам дека имаме нацрт на Уредба со законска сила за финансиска поддршка на деловните субјекти од областа на индустријата во периодот на постковид-19. Тоа не е најидеалното решение, но во моментов е единственото возможно решение, кое неколкупати беше доработувано, прецизирано и појаснувано за да се оствари основната цел – заздравување на домашната економија преку реализација на инвестициски проекти до крајот на годинава. Тоа значи дека имаме конкретна цел, дека имаме конкретен давател на финансиска поддршка и обезбедени финансиски средства.

Корисници на таа финансиска поддршка можат да бидат сите деловни субјекти кои во 2020 година имаат во реализација некаков инвестициски проект, кои работат во производствените сектори и деловни субјекти кои вршат дејност трговија (доколку инвестираат во основни средства), а од областа на информатичко-комуникациските услуги доколку инвестицијата има нова организациска единица за технолошки развој и истражување или ново софтверско или хардверско решение.

Висината на финансиската поддршка ќе изнесува 25 % од реализираната инвестиција, но не повеќе од 40 000 евра за компаниите кои во 2019 година  оствариле вкупен приход што не е повисок од милион евра; 100 000 евра за компаниите кои во 2019 година оствариле вкупен приход од 1 до 10 милиони евра; 140 000 евра за компаниите кои во 2019 година оствариле приход од 10 до 50 милиони евра и 200 000 евра за компаниите кои во 2019 година оствариле приход над 50 милиони евра. Финансиската поддршка се исплаќа како еднократна финансиска поддршка наменета за постигнување на зацртаната цел. Предлозите ќе ги оценува комисија составена од пет члена, во која учествуваат по еден член од Кабинетот на заменик-премиерот, од Генералниот секретаријат на Владата, од Министерството за финансии и два члена од Министерството за економија. Вкупната сума за финансиската поддршка е максимално ограничена на милијарда и 200 милиони денари. Единствен гарантен документ што ќе го издаваат компаниите ќе биде меницата, а доколку дојде до целосна реализација на инвестицијата и доколку се докаже тоа, средствата ќе бидат грант.  

Драги пријатели, ова е првична информација, која треба да биде усвоена на наредната седница на Владата. Вие знаете колку тешко оди тоа, но јас ве уверувам дека со сите сили ќе се бориме тоа да се направи што побрзо. Ќе продолжиме со засилена активност и во наредниот период и нема да ве оставиме сами, затоа што ние ја чувствуваме вашата поддршка.

П.С. Оваа недела интензивно работиме и на довршување на нашите активности за заокружување на кадарот за наредниот петгодишен мандат. Исто така, наредната недела ќе им ја посветиме на интензивните разговори со нашите регионални комори, кои претставуваат столб на нашето работење. Голема благодарност до сите, а особено до проф. д-р Анѓушев, кој сесрдно ни помага како да ги формулираме нашите барања и како да изградиме подобра стратегија за доаѓање до целта. Неговото две ипол годишно искуство во Владата е значајна поддршка за сите нас.            

 

Служба за информирање при Комората