ОН ЛИНЕ УЧЕЊЕ ЗА НЕПРЕЧЕНА РЕАЛИЗАЦИЈА НА ОБРАЗОВНИОТ ПРОЦЕС
👁 Прочитано: 3100



ОН ЛИНЕ УЧЕЊЕ ЗА НЕПРЕЧЕНА РЕАЛИЗАЦИЈА НА ОБРАЗОВНИОТ ПРОЦЕС

Истече и втората недела од кога, и во нашата земја, е прекината наставата поради ширењето на заразниот Ковид-19. Бројот на заболени, од ден на ден, се зголемува и никој не може да предвиди до кога ќе трае прекинот на наставата. Тоа може да значи дека учебната година за учениците и студентите практично ќе биде завршена.

Според Oрганизацијата за oбразование, наука и култура на ОН (УНЕСКО), поради пандемијата со вирусот, до денес, наставата и образовниот процес го прекинаа повеќе од 850 милиони млади луѓе во светот. Во 102 држави се затворени училиштата, а делумно не работат во уште 11 земји, со тенденција, бројот на државите во кои ќе се затвораат училиштата, да се зголеми.

Но поради ваквата состојба, иако е прекината наставата, не смее да се заврши со учењето, имајќи предвид дека на државата ќе и требаат кадри, посебно во економијата и стопанството за надминување на последиците од состојбата. Во таа насока, Министерството за образование и наука на 19 март упати апел училиштата и факултетите да изнајдат начини за неформална едукација на учениците и студентите додека трае кризната состојба и да размислуваат за можноста за воведување онлајн-настава.

Ваквиот пристап на настава ги затекна неподготвени образовните институции. За е-учење (e-Learning – учење преку интернет и електронска технологија) потребен е посебен софтвер, кој се нарекува систем за управувано учење (LMS – Learning Management System) и овозможува повеќе функции: администрација, документација, следење, известување и испорака на курсеви за едукација, програми за обука или програми за учење и развој. LMS системот е способен да испорачува и да управува со сите видови содржини, вклучувајќи презентации, видеа, курсеви и други документи, да запишува и да води разни видови евиденции, а преку него може и да се спроведуваат тестирања и испити. Ваков национален сотвер не поседува Министерството за образование и наука, а нашите училиштата (основни и средни) немаат платформа за ваков вид настава. Истовремено, далечинското, електронско учење во нашата земја не е законски регулирано. Во вакви услови, наставниците, училиштата и факултетите мора самите да се снаоѓаат со импровизирани решенија, што се сведу
ваат на обично споделување на наставните содржини и материјали за учење преку веб-страниците на училиштата, личните блогови на наставниците, или преку е-маил адреси и креирање групи на социјалните мрежи, без да има интерактивност помеѓу наставниците и учениците. Некои од наставниците задаваат и домашни задачи, а како доказ дека се завршени, родителите испраќаат фотографии, или пак по телефонска координација, домашната задача ја испраќаат на маил. Градоначалниците на општините, користејќи го процесот на дигитализација, секој на свој начин го решава овој проблем.

Но, наведените решенија и методи се парцијални и изнудени импровизации, и се многу далеку од вистинско системско решение. Во ваква ситуација мора сериозно и системски да се пристапи кон решавање на проблемот. Во услови на вонредна состојба, Владата може да донесе Уредба со сила на закон и на тој начин да го регулира далечинското електронско учење во образовниот процес.

Во предходниот текст посочив дека за ваков вид учење има можности, но најитно Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, со признати стручњаци, да изготват стратегија за далечинско учење. Речиси секој ученик има можност да работи од дома на компјутер или лап топ, а скоро целата земја е покриена со интернет. Онаму каде некој ученик нема компјутер или лап топ, државата може да помогне во тоа. Да се донираат старите компјутери, а големите телекомукациски куќи да помогнат со интернет мрежа. Потребно е да се одбере платформа за целосно онлајн учење и да се добијат упатства како да се подготват за ваков вид настава. За креирање нова платформа нема доволно време, но не значи дека не треба да се размислува на тоа во иднина.

Во меѓувреме, Бирото за развој на образованието, од Владата, доби задолжение да ја разгледа можноста да ги фузира наставните програми за основно и средно образование од 2019/2020 година во наставни програми за 2020/2021, односно воспоставување нова наставна програма со вклучување на најбитните сегменти за учениците од основното и средното од предходната година, со цел да се надомести изгубеното. Но тоа е активност за наредната учебна година, како резултат на последиците од оваа учебна година. Во моментов, најитно е, преку Бирото за образование и наука, да се организира, со ИТ експерти, електронска обука на наставниците како да се користи платформата и како да ги изготват наставните програми, наставниот онлајн процес, видео снимки и презентации. Неизбежно е да подготви стратегија за оценување на стекнатите знаења, пред сé за матурантите кои го завршуваат средното образование, бидејќи во сегашните услови тешко ќе може да се оцени знаењето. На овој начин учениците ќе имаат континуитет во образовниот процес и ќе можат да учат од дома. Во вакви состојби најбрзо и најефикасно ќе научат кои професии се дефицитарни и значајни за стопанството и општеството во целост, а голем дел од нив можеби ќе ја препознаат и изберат нивната идна професија.

Високообразовните институции излегоа поподготвени. Поголем дел од нив пристапија кон онлајн настава и ги информираа студентите за ваквиот пристап во наставата. Вториот дел од семестарот, студентите од сите студиски години, ќе можат да го следат од дома. За останатите високообразовни институции останува да ги следат добрите примери и да побараат помош, ако е потребно. Во вакво време секој треба да помогне.

Онлајн учењето има свои слабости и предности, но најважно, во овие времиња, е да го пренесеме знаењето. Ако се фокусираме на квалитетот тој сам посебе ќе дојде. А во вакви состојби онлајн учењето е неизбежно. Важен е пристапот кон овој вид учење.

 

м-р Наташа Јаневска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија