КОРОНА ВИРУСОТ- ЦРНИОТ ЛЕБЕД ВО ЕКОНОМИЈАТА И СОСТОЈБИТЕ
👁 Прочитано: 3029



КОРОНА ВИРУСОТ- ЦРНИОТ ЛЕБЕД ВО ЕКОНОМИЈАТА И СОСТОЈБИТЕ

Поимот црниот лебед, во економијата, се користи како симбол за сосем неочекуван настан, за кој постои многу мала веројатност да се случи, но сепак последиците од истиот се деструктивни и за финансиските пазари и за реалната економија. Ваков настан се случил во 2008 година со глобалната економска криза која предизвика намалување на светскиот БДП за 1,3% (намалување во САД за 2,8%, Јапонија за 6,2%, Германија за 5,6%, В. Британија за  4,1%, Италија за 4,4%, Франција за 3%), пад на меѓународната трговија, зголемување на невработеноста, пад на цената на добра и намалување на директните странски инвестиции.

Ширењето на опасниот COVID 19 (корона вирусот), оваа година, се претпоставува дека ќе биде црниот лебед во економијата, бидејќи може да ѝ зададе тежок удар на светската економија. Последиците се чувствуваат во сите сегменти на економијата, а најмногу ќе страдаат компаниите кои работаат на меѓународниот пазар, или се зависни од извозот. Имуна на корона вирусот и неговите последици не остана ниту нашата земја. Бројот на заболени се покачува, а не е ниту мал бројот на лицата кои се наоѓаат во самоизолација. 

Во стопанството, најдиректно проблемите ги чувствуваат извозните компании поради отежнат транспорт на суровини, репроматеријали, извоз на стока, првенствено од земјите кои првично беа најпогодени од корона вирусот, Кина и Италија, но сега веќе проблем е минувањето на речиси секоја граница во Европа. Камионите предолго чекаат на граничните премини. Туризмот и угостителството се пред целосен застој. 

Последиците сериозно се чувствуваат и во образованието. Владата реагираше и ја донесе одлуката за прекинување на воспитно-образовниот процес и настава во детските градинки, основните и средните училишта и наставната дејност на високо-образовните установи и во јавните научни институти, како и забраната на организирање на масовни собири и настани на отворен и затворен простор со над 1000 учесници на територија на цела земја во наредните 14 дена.

Меѓутоа, се чини само носење одлука за прекин на наставата, само по себе, не е доволно. Состојбата на терен покажа дека учениците не ја сфатија сериозноста на проблемот и наместо самоизолација, комуникацијата ја продолжија во групи по парковите и кафулињата што уште повеќе оди во прилог на ширење на заразниот корона вирус и причина процесот на превентивни мерки да трае и подолго од првично предвидените две недели.

Оваа состојба на прекин на образовниот процес директно ќе се одрази на квалиетот на знаењето, посебно на учениците во завршните години од основното и средното образование, но пред сé на матурантите, кои наместо, да го наградуваат знаењето и да се подготвуваат за државната матура, ќе мора да го наполнуваат пропуштеното знаење.

Ваквата вонредна состојба, ја наметна потребата за прилагодување кон истата, и многу компании, бизниси, па дури и високо образовните институции каде што има можност, применија нов тренд на работа. Со помош на дигитализацијата, работа од дома.

Пресликано во функционирање на образованието (основно и средно), ако се има во предвид неизвесноста колку овој процес на самоизолација ќе трае, дефинитивно нашиот образовен систем мора да размислува за он-лајн настава во вакви и слични ситуации и состојби. 

За ова има можности, бидејќи речиси секој ученик има можност да работи од дома на компјутер или лап топ, а скоро целата земја е покриена со интернет. Потребно е со вклучување на ИТ и други форми на експерти (кои државата и те како ги има) да се изработи концепт за стратешко поврзување и дигитализација на образовниот систем за да функционира ваквиот тип на настава. На овој начин учениците ќе имаат континуитет во образовниот процес и ќе можат да учат од дома. Ваквата пракса постои во повеќе земји, а поради епидемиолошката ситуација се воведува и во Турција и во Хрватска. Учениците од нижите одделенија, во Хрватска, настава ќе следат на Хрватската радио телевизија преку образовната емисија  „Училиште на Трета”, додека учениците од вишите одделенија во основното образование и средношколците настава ќе ја следат он-лајн. Училиштата имаат добиено упатства како да се подготват за ваков вид настава. Првиот чекор е да ги активираат официјалните адреси на е-пошта што ги имаат сите ученици и наставници, како што досега бил пристапот до е-списанието. Повеќе од 95% од учениците го користат таквиот пристап, а во последните два месеци учествувале 90% од наставниците. Он –лајн наставата ќе се изведува и во високото образование.

Во отсуство на он-лајн настава, сепак позитивен пример, во нашата земја, е отпочнувањето со емитување на воспитно-образовната програма наменета за деца во предучилишна возраст и за ученици во основното образование на националната македонска телевизија.

И доколку, состојбата со корона вирусот не се доведе под контрола и се стабилизира, сигурно е дека последиците драматично ќе го забават глобалниот економски раст и развој, и ќе се оствари претпоставката за црниот лебед во економијата. Но сето ова треба да биде поука и за следење на новите технологии, алатки, дигитализацијата, кои во современиот начин на живот прават оптимализација на работењето од многу аспекти.

 

 

 

м-р Наташа Јаневска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија