РЕГИОНАЛНА ОБРАЗОВНА ПОЛИТИКА ЗА ЗЕМЈИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН
➢ Актуелно (16.12.2019)
👁 Прочитано: 3071




РЕГИОНАЛНА ОБРАЗОВНА ПОЛИТИКА ЗА ЗЕМЈИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН

Првите резултати од соработката на земјите од Западен Балкан во областа на образованието

Во рамките на заедничката соработка на земјите од Западен Балкан во областа на образованието за обезбедување квалификуван кадар според потребите на компаниите во регионот, на 16 и 17 декември 2019 година во Белград, се одржува дводневна работилница на која е презентиран првиот резултат од заедничката работа на дизајнирање на регионалните стандарди на занимања во рамките на Проектот „Кон регионални стандарди на занимања - КОН РЕГОС“, финансиран од Австриската агенција за развој.

На работилницата учествуваа претставници од коморите на Република Северна Македонија, Црна Гора, Република Србија, Република Албанија, Босна и Херцеговина и Република Косово, Коморскиот инвестициски форум (КИФ), претставници од образовните институции за стручно образование и обука, како и од Секретаријатот на Иницијативата за образовни реформи во Југоисточна Европа (ЕРИ СЕЕ).

Во рамките на Проектот, првично, на национално ниво беше изработен стандардот за занимањето Хотелско-угостителски техничар, а потоа беше разгледуван и приспособен на регионално ниво. Ова беше можност заеднички да се изработи документ значаен за сите шест земји од регионот кој ќе придонесе за обезбедување квалификувана работна сила и обезбедување услови за регионална мобилност.

РЕГИОНАЛНА ОБРАЗОВНА ПОЛИТИКА ЗА ЗЕМЈИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН

Учеството на Коморскиот инвестициски форум (КИФ) во овој проект и насоченоста кон образованието претставува потврда дека без унапредување на образованието и обуката на младите лица не можат да се постигнат целите и соработката во областа на економијата и на другите полиња.

Во насока на унапредување на образованието и обуката, КИФ потпиша Договор за соработка и взаемна поддршка за развој на економските вештини на 21. век со Европската фондација за обука, со цел развивање на вештините на работната сила потребна во земјите во Западен Балкан во соработка со образовните институции и потребите на пазарот на труд. Фокусот е ставен на развојот на дуалното стручно образование и подготовка на коморите за нивната улога на посредници во целиот процес, идентификување на потребните вештини, развивање на квалификации за иновативни економии, развивање на одржлив модел за јавно приватно партнерство, како и развивање на дигитални и претприемачки вештини.

Значаен е и Договорот што го потпиша КИФ со Германската банка за развој за финансирање на проекти од областа на средното стручно образование со цел унапредување на стручните вештини и зголемување на вработливоста на младите во регионот.

Сето ова оди чекор напред кон постигнување на поставената цел за создавање на еден регион – една економија.

Повеќе информации на интернет страната на проектот: WBA4WBL – WBA 4 WBL

м-р Наташа Јаневска

Служба за информирање при Комората