ЦЕНТАРОТ ЗА ЦИРКУЛАРНА ЕКОНОМИЈА ПРИ СТОПАНСКАТА КОМОРА ВО ФУНКЦИЈА
➢ Актуелно (16.04.2024, во 12:31:00)
👁 Прочитано: 691




За претседател на Центарот е избрана генералниот директор на „Макстил“ АД Скопје, Марија Дуковска-Павловска
ЦЕНТАРОТ ЗА ЦИРКУЛАРНА ЕКОНОМИЈА ПРИ СТОПАНСКАТА КОМОРА ВО ФУНКЦИЈАКликни за повеќе

Во рамките на активностите на Стопанската комора се одржа конститутивна седница на Центарот за циркуларна економија, како посебна форма на организирање и на работење во рамките на коморското дејствување.

На седницата беше избран Одбор за управување, составен од компании членки во различни здруженија при Комората, кои третираат различни сеткори, а целта ќе биде да ги обедини компаниите кои имаат интерес да го започнат или да го продолжат процесот на транзиција од концептот на линеарна во циркуларна економија. Дополнителна можност е преку оваа форма на дејствување да се иницира заеднички настап во креирањето на политиките и на концептите и во давањето насоки за развој, како и учество во создавањето и во примената на нова регулатива која би третирала (во поглед на оптимизирањето и на олеснувањето на процесот) концепт на циркуларна економија. 

За претседател на Центарот за циркуларна економија е избрана генералниот директор на „Макстил“ АД Скопје, Марија Дуковска-Павловска.

Потребата од формирање центар за циркуларна економија во Комората е во согласност со следењето на обврските што произлегуваат од потпишувањето на Софиската декларација за зелена агенда за Западен Балкан на 10 ноември 2020 година од сите 6 земји од регионот, кои се обврзаа да ја имплементираат Зелената агенда како патна карта за повеќе конкретни акции и мерки што ќе доведат до развој со минимално испуштање јаглерод и до економски раст, во согласност со принципите на одржлив развој. Зелената агенда за Западен Балкан опфаќа пет столба:

  • декарбонизација: климатска акција, зелена енергија и одржлив транспорт;
  • циркуларна економија;
  • борба против загадувањето;
  • одржливо производство на храна и одржливи рурални средини;
  • биодиверзитет: заштита и реставрација на природата и на екосистемите.

Зелената агенда за Западен Балкан е инструмент за постигнување на Европскиот зелен договор во нашиот регион, кој претставува пресвртница во борбата против климатските промени и сеопфатна стратегија за раст на Унијата, а неговата имплементација треба да доведе до климатска неутралност на Европската Унија до 2050 година.

Во работниот дел на седницата, Јасмина Мајсторовска, раководител на Секторот за индустриска и за инвестициска политика и за општествена одговорност при Министерството за економија, ги информираше присутните за поддршката на процесите за циркуларна економија, обезбедена преку Годишната програма на Министерството, а преку Стручната служба на Комората беа претставени досегашните преземени активности на тема „Циркуларната економија во рамките на Комората“.

Од исклучително значење е и фактот дека овој центар за циркуларна економија ќе му биде партнер на УГД Штип во рамките на проектот кој го доби Универзитетот „Гоце Делчев“ на крајот на 2023 година од Министерството за економија во рамките на Годишната програма, преку која беа поддржани неколку научни институции за темата Циркуларна економија. Конкретно, станува збор за проектот насловен Циркуларна и зелена економија базирана на соработка наука–бизнис, со кој е предвидено креирање дигитална платформа базирана на два меѓусебно поврзани центри: 1) Бизнис-центар за циркуларна економија (при СКСМ) и 2) Научноистражувачки центар за циркуларна и за зелена економија (при УГД Штип).

Проектот има цел градење платформа за долгорочна соработка меѓу науката и бизнисот и развивање и примена на нови научно засновани концепти и решенија на циркуларна и на зелена економија во рамките на индустријата.

 

Даниела Михајловска Василевска
Проектен менаџер во организационата целина за претставување на членките и вмрежување