КОМОРА НА ДЕН НА КАРИЕРЕН РАЗВОЈ
➢ Актуелно (12.04.2024, во 13:58:00)
👁 Прочитано: 658




Преку Советот за унапредување на високото образование градиме врски помеѓу компаниите и студентите
КОМОРА НА ДЕН НА КАРИЕРЕН РАЗВОЈКликни за повеќе

Водени од потребата за афирмација на кариерниот развој на идните академски граѓани, нивно запознавање со потенцијалните работодавачи, но и со можностите кои различни сектори ги нудат на пазарот на труд, Стопанската комора на Северна Македонија, преку Советот за унапредување на високото образование и стратешките истражувања во соработка со Универзитетот Св.Кирил и Методиј – Скопје и Центарот за кариера при УКИМ организираа „Ден за кариерен развој“. 

Повеќе од 30 компании членки на Комората на своите штандови ги презентираа можностите за реализација на практична обука, како за време на студирањето, така и по завршувањето на студиите, дополнително регрутерите и претставниците од секторите за човечки ресурси од компаниите ги презентираа и можностите за вработување и кариерен развој. Покрај компаниите, свој штанд имаше и Стопанската комора, каде студентите имаа можност да се запознаат со коморските активности во доменот на образование, арбитража како и за Концептот на Комора на иднината и новите трендови во бизнисот. Во рамки на настанот беше организиран и Отворен ден на УКИМ, на кој средношколците имаа прилика да се запознаат со можностите за кариерен развој кои ги нудат факултетите во рамки на УКИМ.

На настанот поздравни обраќања имаа ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова и раководителката на Центарот за кариера, проф. д-р Јасмина Тониќ Рибарска и претседателот на Универзитетското студентско собрание на УКИМ, Александар Николовски. Пораката која ја упатија кон студентите е дека настаните за кариерен развој се одлична можност за вмрежување со компаниите како нивни потенцијални работодавачи. Потенцијалот кој го нудат присутните компании е огромен, ако се земе предвид дека структурата на присутни компании креира околу половина од БДП на државата што говори за нивната моќ и двигател на економскиот развој.

Интерактивниот „Ден за кариерен развој“, опфати и дискусии, насоки и советување, како од претставниците на единиците при УКИМ, така и од страна на компаниите, преку запознавање на студиските програми, можностите за стипендирање, вклученоста во научноистражувачки проекти, можностите за меѓународна размена и за студентскиот живот, со цел инспирација, насочување и помош во донесување одлука при изборот на конкретната академска средина или идниот кариерен развој во бизнис-средината.

Во периодот што следи Советот за унапредување на високото образование и стратешките истражувања при Стопанската комора на Северна Македонија во соработка, со останатите Универзитети ќе реализира настани и во другите универзитетски градови, во насока на запознавање на идните академски гражани со можностите за вработување и кариерно наосчување кои ги нудат компаниите.  

м-р Михајло Донев
Проектен менаџер во Стручната служба на Стопанската комора на Северна Македонија