СКСМ И УКЛО НА ИСТИ СТАВ – ПРАКТИЧНА НАСТАВА ВО ВИСОКО ОБРАЗОВАНИЕ Е ВО КОРИСТ НА СИТЕ ЧИНИТЕЛИ ВО ОПШТЕСТВОТО
➢ Актуелно (28.03.2024, во 16:24:00)
👁 Прочитано: 441



Продолжува консултацијата со високообразовните институции за поголема вклученост на бизнисот во образованието
СКСМ И УКЛО НА ИСТИ СТАВ – ПРАКТИЧНА НАСТАВА ВО ВИСОКО ОБРАЗОВАНИЕ Е ВО КОРИСТ НА СИТЕ ЧИНИТЕЛИ ВО ОПШТЕСТВОТОКликни за повеќе

Претседателите на Советот за унапредување на високото образование и стратешките истражувања и Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и обуката, остварија работна средба со Ректорската управа на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ од Битола во насока на поддршка на реализацијата на практичната настава во високото образование и нејзино системско уредување преку воспоставување на добро осмислена и функционално поставена институционална структура, која на студентите ќе им овозможи да стекнат практични вештини и компетенции за работните процеси во компаниите и работните организации. 

На средбата од страна на ректорот д-р Неделковски беше поздравена иницијативата на Стопанската комора за поттикнување на практичната настава и соработката на високообразовните институции со бизнис заедницата. Од страна на Универзитетот беа презентирани добри практики за реализација на практична настава во компании од Пелагонискиот регион, која се реализира врз основа на подготвен Правилник за уредување на начинот и формата за изведување на практична настава, како прв Универзитет кој ја има уредено реализацијата на практичната настава. Во реализацијата на овие активности поддршка даваат и локалните самоуправи од регионите во кои гравитираат факултетите во рамки на Универзитетот „Св.Климент Охридски“. Ваквиот правилник може да претставува добра основа за понатамошно системско уредување на практичната настава кај работодавачите, што претставува следна фаза во заокружување на процесот.

Заеднички беше констатирано дека расте интересот за практичната настава, како во сферата на приватниот, така и во сферата на јавниот сектор, со цел подобрување на стручните вештини и компетенции на студентите и обезбедување нивна поголема вработливост.

Ректорската управа беше запозната со активностите кои Комората ќе ги спроведува во рамките на двата Совети, во кои соработката помеѓу приватниот сектор и образовните институции е од особено значење за испорака на резултати кои на долг рок ќе обезбедат поголема вработливост на младите кои што поседуваат релевантни стручни вештини и компетенции. 

Проректорот за настава, проф. Д-р Андреески сподели дека од неодамна УКЛО е дел од европска универзитетска алијанса „Колорс“, што го прави прв и засега единствен македонски универзитет, како дел од оваа алијанса која вклучува организација на заеднички студиски програми, полагање предмети на еден од деветте универзитети членки на Алијансата и добивање двојна или тројна диплома, во зависност од предметите и универзитетите на кои полагале студентите. Дел од активностите во рамки на универзитетската алијанса „Колорс“, ќе бидат реализирани во соработка со Стопанската комора на Северна Македонија, а во истите активно ќе бидат вклучени и претставници на бизнис заедницата.

И дветe страни се согласни дека е потребно да се направи:

  • измена на законската регулатива за високо образование;
  • прецизирање практичната настава во текот на академската година;
  • прецизирање на улогата на менторите за реализација на практичната настава;
  • обука на ментори и сертифицирање на ментори.

Продолжува циклусот на активности и консултации со високообразовните институции и компаниите во насока на дефинирање на потребите и формите на реализација на практичната настава и внесување на практичната настава кај работодавач, како посебен модул во студиските програми, со доделување на определен бројна кредити и вреднување на постигнатите стручни вештини кај студентите.

Служба за информирање при Комората