Приватниот сектор во борба против корупцијата-средба со компании во Гостивар
➢ Актуелно (28.03.2024, во 10:45:00)
👁 Прочитано: 242




Приватниот сектор во борба против корупцијата-средба со компании во ГостиварКликни за повеќе

Како дел од активностите на проектот „Граѓаните против корупцијата“, што Стопанската комора го спроведува од април 2023 година, беше организирана средба со компании во Гостивар, на која се разменија идеи за активно вклучување на приватниот сектор во борбата против корупцијата.
Локалните претставници од бизнис секторот ги прифатија заложбите на Комората за креирање на бизнис околина заснована на интегритет, транспарентност и етички практики. На средбата присутните компании оценија дека неказнивоста и сивата економија се голем проблем за општеството во целина. Исто така, беше искажана загриженост за нефункционирањето на институциите, трошоците за бизнисите и неконкурентност што со себе ги носи корупцијата.
Потпретседателот на Комората, Зоран Јовановски на средбата го презентираше проектот  „Граѓаните против корупцијата“, кој финансиски е поддржан од УСАИД, а се реализира преку Конзорциум на разновидни учесници, меѓу кои и Комората како претставник на приватниот бизнис сектор. Проектот, меѓу другото, предвидува вклучување на приватниот сектор во борбата против корупцијата преку неколку средби на локално ниво и активности насловени “Граѓаните во акција“.


Сабина Факиќ од граѓанската организација Центар за граѓански комуникации зборуваше за состојбите со јавните набавки. Според истражувањето на граѓанската организација, само 9% од компаниите во земјата учествуваат во јавните набавки што ги спроведуваат државните институции на државно и на централно ниво. Огромен дел од компаниите не учествуваат на тендерите зашто перцепцијата во јавноста е дека има корупција.
Покрај Штип и Гостивар, активностите „Граѓаните во акција“  предвидуваат посета на уште два града. Разговорите со компаниите оваа недела ќе продолжат во Кичево и во Крива Паланка. 

 

Ружица Фотиновска
Кабинет на Претседател