МАКЕДОНСКО-ЧЕШКИ БИЗНИС ФОРУМ ВО БИТОЛА
➢ Актуелно (25.03.2024, во 17:25:00)
👁 Прочитано: 506





МАКЕДОНСКО-ЧЕШКИ БИЗНИС ФОРУМ ВО БИТОЛАКликни за повеќе

Во соработка со Амбасадата на Република Чешка, Општина Битола и Регионалната комора со седиште во Битола се одржа македноско-чешки бизнис форум и Б2Б средби со локални македонски и чешки компании.

Целта на собирот беше продлабочување на деловните контакти меѓу чешките и македонските стопанственици и заинтересираните бизнисмени и запознавање со новите можности за меѓусебна деловна соработка. Особено треба да се потенцира фактот дека зајакната меѓусебна комуникација на македонските и чешките компании, која е поддржана и на високо министерско ниво, ќе придонесе во размената на квалитетни бизнис-информации и реализација на плодни заеднички проекти во иднина.

Регионалната комора со седиште во Битола во изминатите 5 години во повеќе наврати во соработка со Амбасадата на Република Чешка како и гости од вашата држава организираше неколку заеднички средби се со цел унапредување на стопанската соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Чешка.

Од име на Стопанската комора, се обрати Мирко Велковски, претседател на Регионалната комора со седиште во Битола. Го истакна своето убедување дека ваквите средби се стимул во интезивирањето на економската билатерална соработка на стопанствениците од нашите две држави.

Вкупната трговска размена на Република Северна Македонија со Република Чешка за 2023 година достигна вредност од 402,5 милиони САД$, со зголемување  од 38,38% во споредба со 2022 година. При тоа, остварен е извоз во вредност од 225,9 милиони САД $ со раст од 57,44%, додека увозното салдо изнесува 176,6 милиони САД $, со раст од 19,83%. Евидентиран е суфицит во трговската размена во 2023 година од 49,2 милиони САД$. Република Чешка е 13-ти трговски партнер на РСМ во 2023 година.

Во име на Владата на Република Северна Македонија поддршка даде Заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи презентирајќи ги потенцијалите за ивестирање во нашата земја.

Делегацијата од Република Чешка ја водеше Јозеф Сикела, министер за индустрија и трговија, кој изрази особена чест од можноста за остварување на ваков вид на иницијатива и можностите за директна соработка и на регионално и локално ниво.

Во својство на домаќин на настанот поздравно обраќање имаше и Тони Коњановски, градоначалник на Битола.

На крајот од настанот се одржаа и директни Б2Б средби меѓу компании од битолскиот регион и заинтересирани компании за соработка од Чешка.

м-р Никола Димковски
Регионална канцеларија Битола