Одржана тркалезна маса на тема: „ДЕСИ и ДИИ индекси во земјите од Западен Балкан“
➢ Актуелно (01.03.2024, во 14:00:00)
👁 Прочитано: 576




Одржана тркалезна маса на тема: „ДЕСИ и ДИИ индекси во земјите од Западен Балкан“Кликни за повеќе

Во насока на подигнување на капацитетите за дигитализација на приватниот сектор во шесте економии од регионот, во организација на Стопанската комора на Србија, а со поддршка на Стопанската комора на Северна Македонија и коморите од регионот на Западен Балкан - основачи на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), на 01.3.2024 година се одржа тркалезна маса на тема: „ДЕСИ и ДИИ индекси во земјите од Западен Балкан“. 

Во земјите од ЕУ од 2014 година состојбата на дигиталната подготвеност се мери со помош на индексите: DESI (Digital Economy and Society Index) – индекс на дигитална економија и општество, кој се користи за мерење на дигиталниот развој на бизнис секторот и DII (Digital Intensity Index) кој служи за мерење на интензитетот на дигитализација на претпријатијата. Во услови кога се подготвува нов акционен план за Заеднички регионален пазар (Common Regional Market-CRM), дебатата во која учествуваа и претставници од приватниот сектор на шесте економии, понуди јасен патоказ, но и препораки за понатамошен развој на регионот.

Како претставник од македонската бизнис заедница, на тркалезната маса се обрати Благој Христов, раководител за регулатива во Македонски Телеком АД, кој притоа е и претседател на Здружението за информатичко-комуникациски технологии при Стопанската комора на Северна Македонија. 

Во однос на дигиталната трансформација на Македонија, гледано од аспект на ДЕСИ индексот, Христов потенцираше дека најголем напредок Македонија има постигнато во параметарот поврзаност, за што истакна дека достапноста т.е. покривањето на населението со пристпа до ултра брз широкопојасен интернет во државата изнесува 82,8%, што е над просекот и највисоко во земјите на Западен Балкан.Значаен напредок е постигнат и во покриеноста на 5G мрежата, како прва земја од Западен Балкан која ја воведе 5G мрежата, со која од воведувањето до денес е обезбедена 100% покриеност во урбаните зони и 80% покриеност на домаќинствата на целата територија. Тој исто така додаде дека бројот на корисници кои имаат  гигабитна брзина во моментот е под просекот на ЕУ, од едноставна причина што досега нема побарувачка за поголема брзина, а која е поврзана и со употребата на автономни технологии, но и останати напредни технологии кои бараат големи брзини и мало доцнење. Затоа се потребни активности од Владата во делот на промовирање на нови јавни услуги и поддршка на новите индустриски трендови особено во делот на забава, телемедицина, автономни возила, гејминг кои ја креираат потребата пристап со големи брзини и функционирање во реално време.

Во поглед на законската легислатива, Христов информираше дека Северна Македонија веќе започна со транспонирање на NIS-2 директивата во Закон за безбедност на мрежни и информациски системи и дигитална трансформација, а веќе се работи и на пошироко воведување на безбедносни услуги (Trust services). Исто така се работи на усогласување и на Законот за електронски комуникации со последните Директиви на ЕУ.

Исто така се потенцира и потребата од постојан приватно – јавен дијалог и максимално вклучување на бизнис заедницата при подготовката на нови законски решенија. Од аспект на ИКТ секторот се побара од државата и регионот да лобира за пристап до ЕУ структурните фондови, особено неопходни за инвестиции во поврзување на „белите зони“ каде операторите немаат комерцијален интерес, а со помош на овие грант механизми ќе се обезбеди премостување на „дигиталниот јаз“ и ќе се забрза дигиталната трансформација.

м-р Михајло Донев
Проектен менаџер во Стручната служба на Стопанската комора на Северна Македонија