НОВИ ПАРТНЕРСТВА ЗА СТЕКНУВАЊЕ ВЕШТИНИ КАЈ УЧЕНИЦИТЕ ВО ДРВО-ПРЕРАБОТУВАЧКАТА ИНДУСТРИЈА
➢ Актуелно (19.02.2024, во 14:59:00)
👁 Прочитано: 506




НОВИ ПАРТНЕРСТВА ЗА СТЕКНУВАЊЕ ВЕШТИНИ КАЈ УЧЕНИЦИТЕ  ВО ДРВО-ПРЕРАБОТУВАЧКАТА ИНДУСТРИЈАКликни за повеќе

Развојот на технологијата, сè поголемата дигитализација,  како и потребите на пазарот на труд, наметнаа  промени во образовниот процес кои бараат поинаков пристап во стекнување на знаењатa, вештините и компетенциите. Образовните институции не се секогаш во состојба да одговорат на многубројните потреби на компаниите и да понудат развиени практични вештини кај младите. Затоа, соработката меѓу образовните институции и работодавачите е неопходна, со цел кадрите што се образуваат преку стручното образование да се стекнуваат со соодветни компетенции кои ќе бидат апликативни на идните работни места. Алката која ги поврзува училиштата и компаниите во овој процес е Стопанската комора на Северна Македонија. Стратегијата на која  интензивно работи Комората во последните неколку години  е токму вклучување на учениците од средните стручни училишта во работните процеси преку реализација на практична обука во компаниите и поголема соработка меѓу училиштата и работодавачите.

 Како резултат на интензивирањето на овие активностите,  во Стопанската комора на Македонија беше реализирана средба на компанијата Софа студио ДОО од Скопје и СУГС „Георги Димитров“ од Скопје.  Работната средба резултираше со Меморандум за соработка, со кој ученици од СУГС „Георги Димитров“ ќе реализираат практична настава, како во производниот погон на Софа Студио ДОО, така и во продажниот салон, каде се разработуваат идеите со кои клиентите  најдобро ќе го искористат и уредат домот или канцеларијата. 

Воедно, компанијата Софа студио ДОО, Скопје, ќе биде вклучена и во идните активности во Центарот за микро, мали и средни компании кој неодамна беше формиран во рамките на Стопанската комора на Северна Македонија.
Пред вклучување во процесот на стручното образование и обука Софа студио ДОО, ги помина процесите на осигурување на квалитет во реализацијата на практична обука на ученици кои ги спроведува Стопанската комора. 

Претставници од компанија успешно ја заврши обуката за ментори за спроведување на практична обука на ученици, а на 28.12.2023 година, согласно увидот на лице место на работните простории на компанијата од страна на Комисијата за верификација на работодавачите за спроведување на практичната обука за ученици од Стопанската комора на Северна Македонија, се стекна со Решение за верификација на работодавачите за реализација на практична обука на ученици.
Софа Студио ДОО е со над 16 годишна традиција на постоење. Основана е 2007 година. Основната дејност е производство и продажба на високо квалитетен тапациран мебел. Тоа што го прави Софа Студио поразлично од останатите студија за производство и продажба на мебел, е целосно ставање на фокусот на потребите на клиентот, односно прилагодување на бараните производи на желбите и можностите на клиентите, преку реализација на нивните замисли за софистициран животен или работен простор.

Менаџерскиот тим на Софа Студио е составен од ентузијасти, лица со инженерска позадина, професионалци во својата област, лица со претприемачки дух, на чија што макотрпна работа се должи долгогодишното постоење на компанијата на домашниот и странските пазар со визија за раст и развој, Софа Студио ДОО, да стане водечки бренд за производство и продажба на мебел и компанија со автоматизиран процес на производство.
 

Валентина Цветковска
Експерт во организационата целина за претставување на членките и вмрежување