ЧЕКОР ПОБЛИСКУ ДО ДИГИТАЛИЗАЦИЈА ВО ГРАДЕЖНИШТВОТО
➢ Актуелно (15.12.2023, во 12:00:00)
👁 Прочитано: 2701




Преку електронска платформа ќе се мери дигиталната зрелост на компаниите од секторот градежништво
ЧЕКОР ПОБЛИСКУ ДО ДИГИТАЛИЗАЦИЈА ВО ГРАДЕЖНИШТВОТОКликни за повеќе

Во насока на поттикнување на дигитализацијата кај македонските компании од секторот градежништво и индустријата на градежни материјали, во рамки на Проектот: „Дигиталната трансформација се пробива кон бизнисите – развој на клучни индикатори за перформанси за зголемување на продуктивноста на секторот – DIG-IN-KPI“, Стопанската комора на Северна Македонија во соработка со коморите од Словенија и Хрватска се фокусираше кон развој на клучни индикатори за успешност со цел да се зголеми продуктивноста во градежниот сектор. Еден од клучните чекори во оваа насока е започнувањето на дигиталната трансформација на работните процеси во градежните компании. Свесни за специфичните потреби и предизвици на градежните компании, Комората во 2023 година, преку проектни активности се фокусираше кон испорака на конкретни решенија за забрзување на дигиталната трансформација како двигател за оперативна извонредност.

Важен предуслов за успех на оваа иницијатива е темелно разбирање на тоа што може да се дигитализира во градежните компании и кои алатки се потребни за тоа. Ги идентификувавме клучните работни процеси и потоа се зафативме со развивање и пополнување на создавањето содржина на иновативната дигитална алатка DIG-IN-KPI-AAT, која моментално е во фаза на прототипирање и распоредување. 

Оваа алатка ќе биде јавно достапна за користење и се очекува целосно да биде ставена во функција до крајот на следниот месец.
DIG-IN-KPI-AAT дигиталната алатка ги автоматизира процесите за оценување на нивото на дигитална зрелост на компаниите од секторот градежништво. 

Напредниот модел на прибирање на податоци, автоматски ќе ги обработи одговорите, кои корисниците/претставниците на компаниите лесно ќе ги внесат преку онлајн прашалник, во извештај со проценка на нивото на дигитална зрелост на компанијата. Извештајот ќе содржи визуелизација и темелно објаснување на резултатите, како и персонализирани препораки, со чија помош компаниите ќе добијат клучни информации во насока на идентификување на објективната состојба на дигитализација и идентификување области за унапредување и оптимизација на деловните или производствените процеси.

Презентацијата на новата иновативна алатка за самооценување на нивото на дигитална зрелост на градежните компании DIG-IN-KPI-AAT е предвидено да се одржи на саемот за градежништво „МЕГРА“ во Горња Радоња, Словенија на 18 април 2024 година. На настанот ќе се демонстрира работата на дигиталната алатка DIG-IN-KPI AAT за потребите на користење на оваа алатка од страна на градежни компании од Словенија, Балканот и ЕУ.  Предвидено е да присуствуваат и  меѓународни експерти, вклучително и претставници од напредната Ирска, каде БИМ ќе биде задолжителен по 1.1.2024 година. Тие ќе споделат практични искуства од спроведувањето на дигитализацијата во градежните компании, фокусирајќи се на најдобрите практики и стратешки одлуки. Заинтересираните градежни компании ќе добијат директни информации за тоа како експертите во пракса пристапиле кон воведувањето на дигиталната трансформација, вклучувајќи го изборот, купувањето и оптималната употреба на дигитални алатки за поддршка на процесите во градежните компании. Овој настан дава исклучителна можност за компаниите од градежниот сектор да научат од меѓународното искуство и да ги стимулира иновациите преку дигитална трансформација.

Проектот „Дигиталната трансформација се пробива кон бизнисите – развој на клучни индикатори за перформанси за зголемување на продуктивноста на секторот“ (Dig-in-KPI) е финансиран од Европската Унија преку Словенечката национална агенција CMEPIUS и ќе послужи како модел проект за одредување индикатори за дигитализација во рамките на Европската федерација за градежна индустрија (FIEC), а во реализацијата на активностите учествуваат: Стопанската комора на Северна Македонија, Трговска и индустриска комора на Словенија и Стопанската комора на Хрватска.

м-р Михајло Донев
Проектен менаџер во Стручната служба на Стопанската комора на Северна Македонија