УСПЕШНИ ПРИКАЗНИ: СЕКОЈ НАШ УЧЕНИК ПО ЗАВРШУВАЊЕТО НА СРЕДНОТО СТРУЧНО ОБРАЗОВАНИЕ СТАНУВА НАШ КОЛЕГА
➢ Актуелно (17.11.2023, во 12:38:00)
👁 Прочитано: 2100




УСПЕШНИ ПРИКАЗНИ: СЕКОЈ НАШ УЧЕНИК ПО ЗАВРШУВАЊЕТО НА СРЕДНОТО СТРУЧНО ОБРАЗОВАНИЕ СТАНУВА НАШ КОЛЕГАКликни за повеќе

„Следејќи ги своите потреби, како и потребите на општеството, „Еуроникел Индустри“ ДОО, Кавадарци, во изминатите 5 години, им овозможи практично учење на 254 ученици од средните технички училишта од Кавадарци и Неготино, и тоа преку учење преку работа, дуално образование, како и феријална практика“ вели Борка Петровска, менаџер за администрација во компанијата.

Иако како концепт, практичната настава воопшто не е нешто ново, во изминатата декада, пазарот на трудот и потребите на бизнисот наложија повторно и активно вклучување на работодавачите во образовниот процес, со цел по завршувањето на образованието, учениците да бидат готов производ и да можат веднаш да се вклучат во работните процеси. Образовната институција мора да ја постави основата, да ги престави концептите кои учениците ќе ги изучуваат, а преку практичната настава учениците учат како практично се применуваат стекнатите знаења во реалниот живот, се запознаваат со организациона поставеност во една компанија, хиерархија, тимска работа, ред и дисциплина, ги подготвува за нивните идни професии со што се постигнува посакуваниот ефект: да се добие готов производ спремен да одговори на побарувачката на пазарот на трудот.

Компнијата го поддржува слоганот „Избери мудро – избери средно стручно образование“, затоа што пазарот самиот ги диктира потребите, а последните години повеќе од очигледно е дека на глобално ниво, не само во Македонија, недостига технички персонал и уште многу други видови стручни професии. Според Петровска „Секој што размислува практично, пазарно ориентирано, секогаш треба да се стреми да му понуди на пазарот она што го нема, што е дефицитарно, зашто тогаш постигнува и највисока цена и најдобри услови“

Таа посочува дека компанијата може да се пофали со голем број успешни приказни.

„Ние се радуваме на секој наш ученик што по завршувањето на средното стручно образование станува наш колега, како и на секој што ќе одлучи да го продолжи образованието и да стане инженер и потоа пак наш иден вработен“

Компанијата располага со соодветни услови за реализација на практичната обука и со високо професионален стручен персонал, кој е вклучен во практична настава за учениците кои ја изучуваат квалификации од машинската, електро, металуршката и хемиската дејност. Нивните инженери, кои се обучени и сертифицирани ментори, активно се вклучени во различните програми за практична настава.

м-р Наташа Јаневска
Проектен менаџер во Стручната служба на Комората