ИЗВОЗОТ - ВРВЕН ПРИОРИТЕТ ЗА РАСТ НА МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА
➢ Актуелно (15.11.2023, во 10:00:00)
👁 Прочитано: 1743



Преку Националниот совет за извоз ќе се стимулираат условите за зголемување на извозните активности на македонските компании
ИЗВОЗОТ - ВРВЕН ПРИОРИТЕТ ЗА РАСТ НА МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈАКликни за повеќе

Во насока на остварување на целите и приоритетите во доменот на креирање и спроведување на политики за унапредување на извозот, зајакнување на извозните потенцијали на домашната економија, поттикнување на конкурентноста на извозно ориентираните компании и освојување нови пазари, на 7 ноември се одржа третата седница на Националниот совет за извоз.

Седницата ја водеше претседателот на Националниот совет за извоз, Бранко Азески кој пред членовите ја истакна важноста која  ја има Советот како главен механизам за јавно-приватен дијалог во креирањето на насоки и конкретни активности кои ќе ги поддржат извозните капацитети и ќе изградат механизми кои ќе бидат во функција на извозот и растот на домашната економија.

На покана на претседателот на Советот, пред членовите своја презентација имаше и д-р Татјана Штерјова Душковска, генерален секретар на Коморскиот инвестициски форум-КИФ која ги презентираше мерките за поддршка на извозот на земјите од Западен Балкан. Во своето излагање д-р Штерјова Душковска направи компаративна анализа на моделите на мерки за поддршка во шесте економии од регионот, од која особен акцент беше ставен на моделот на Србија каде преку две Агенцијата за осигурување и финансирање на извозот и Развојната агенција на Србија се реализират мерките за поддршка на домашните извозни компании. Двете агенции нудат широк асортиман на услуги и активности преку кредитни линии, гаранции, факторинг, учество на саемски манифестации, консултантска поддршка за развојна стратегија за позиционирање на целниот пазар и консултантска поддршка за извозни маркетинг активности.
Според кредитното портфолио за 2022 година на Агенцијата за осигурување и финансирање на извозот, Србија има остварено најголем износ на извоз кон Северна Македонија со 18.71% или во бројки 10.428.602,00 евра на производи од преработувачка, прехранбена и фармацевска индустрија, заклучи Штерјова Душковска.

Пред членовите на Советот беше претставен и концептот за работа на Институтот за извоз при Комората кој претставува професионална, услужна алатка за поддршка на извозно ориентираните компании, која за потребите на компаниите ќе нуди обуки и работилници за развивање на кадровските капацитети, со знаења и вештини потребни за реализација на извозните активности. Билјана Пеева-Ѓуриќ, оперативен директор на Стопанската комора на Северна Македонија додаде дека покрај едукативниот аспект, Институтот ќе изготвува анализи и истражувања со податоци за извозна конкурентност на таргетирани странски пазари, податоци за царинска и за даночна политика, нецарински бариери и други податоци кои се од интере на извозно ориентираните компании.
Националниот совет за извоз, претставува тело формирано во рамките на Проектот за поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција што Комората го имплементира во партнерство со Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) и претставува главен механизам за јавно-приватен дијалог каде се третираат сите прашања поврзани со промоција и поддршка на извозот.
Во следниот период, НСИ ќе продолжи да работи на согледување на со кои се соочуваат извозните компании како и изнаоѓање мерки и решенија за справување со сите предизвици.

м-р Михајло Донев
Проектен менаџер во Стручната служба на Стопанската комора на Северна Македонија