РЕГИОНАЛНАТА КОМОРА СО СЕДИШТЕ ВО БИТОЛА УЧЕСТВУВАШЕ НА ДЕЛОВНИОТ ФОРУМ „ЦРНА ГОРА–РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА (ПЕЛАГОНИСКИ РЕГИОН)“ ВО ПОДГОРИЦА
➢ Вести (10.11.2023, во 12:35:00)
👁 Прочитано: 410




РЕГИОНАЛНАТА КОМОРА СО СЕДИШТЕ ВО БИТОЛА УЧЕСТВУВАШЕ НА ДЕЛОВНИОТ ФОРУМ „ЦРНА ГОРА–РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА (ПЕЛАГОНИСКИ РЕГИОН)“ ВО ПОДГОРИЦАКликни за повеќе

На 10.11.2023, на иницијатива на претседателот на Регионалната комора со седиште во Битола, а во соработка со Стопанската комора на Црна Гора, со Амбасадата на Република Северна Македонија во Подгорица и со Амбасадата на Црна Гора во Скопје, делегација од 10-ина стопанственици од Битолскиот Регион ја посети Комората во Подгорица и оствари Б2Б-средби со потенцијални компании соработници.

Настанот го отвори и го поздрави претседателот на Стопанската комора на Црна Гора д-р Нина Дракиќ, која ги потенцираше соработката за интернационализација на компаниите, заедничката балканска понуда на туристичкиот сектор за клиенти од Далечниот Исток, соработката со прехранбената индустрија, соработката во енергетскиот секор, 43 милиони евра трговска размена за минатата година, 18 % раст и 11 илјади македонски туристи во Црна Гора. За периодот 2018-2023 година македонските компании инвестирале вкупно 5 милиони евра во Црна Гора. Претседателката стави посебен акцент врз недостигот од квалитет на сообраќајната поврзаност и на транспортните врски, кои влијаат врз конкурентноста и врз соработката, а со тоа би се тргнале бариерите и би се зајакнале врските за бизнис-соработка. Главен недостиг е директна авиолинија Скопје–Подгорица.

Претседателот на Регионалната комора со седиште во Битола Мирко Велковски во своето поздравно обраќање ги искажа задоволството и искреното чувство на пријателство меѓу нашите две земји, како и меѓу нашите стопански комори. Претседателот ги претстави податоците за нашата билатерална соработка со Црна Гора. Вкупната трговска размена во првите седум месеци од тековната 2023 година изнесува 30,2 милиони САД $, што претставува зголемување од 12,23 % споредено со истиот период од минатата 2022 година. Извозот изнесува 23,3 милиони САД $, што претставува зголемување од 2,57 %, додека, пак, увозното салдо изнесува 6,8 милиони САД $ или зголемување од 66,02 % во споредба со истиот период од минатата година.

Во вкупната надворешнотрговска размена на Република Северна Македонија со Република Црна Гора, во првите седум месеци од тековната 2023 година е остварен трговски суфицит од 16,5 милиони САД $.

Во периодот јануари – јули 2023 година Црна Гора е 36-ти трговски партнер на Македонија.

Претседателот истакна дека во догледно време соработката може да порасне на ниво на 30-ти партнер.

На настанот свое присуство и обраќање имаше и амбасадорот на Република Северна Македонија во Црна Гора Зеќир Рамчиловиќ. Тој ја изрази својата чест за присуството на настанот и ја истакна поентата дека основата на дипломатските односи е економската соработка. Зголемувањето на економската соработка, иако изразено преку суфицитот од Република Северна Македонија, се компензира со посетата на македонските туристите во Црна Гора. Сепак, истакна дека е потребна поголема промоција и простор за соработка. Сообраќајните врски се вистинска пречка, па затоа е потребна директна авиолинија. На крај посочи дека, што се однесува до Амбасадата, секогаш ќе има соработка и дека е таа со отворена врата за потенцијалот за развој во Пелагонискиот Регион, кој не е од значење само за нашата држава, туку и за поширокиот регион.

Сања Вујошевиќ, директор на Дирекцијата за соседни држави при Министерството за надворешни работи на Црна Гора, од аспект на меѓународната соработка го истакна значењето на одличните билатерални односи, немањето отворени прашања и на активната соработка на сите нивоа. Бизнис-соработката, сепак, сѐ уште треба да се развива како меѓу пријателски и сојузнички држави, но и за добробитот на сите граѓани. Истовремено испрати поздрав до амбасадорот и до претседателите на коморите, ја истакна својата благодарност за учеството и посака успешна работа на настанот.

 

Преку презентациите на Ненад Радовиќ од Агенцијата за инвестиции на Црна Гора, на Никола Димковски од Регионалната комора со седиште во Битола и на Владо Талевски, директор на индустриската зона „Жабени“, се претставија потенцијалите за соработка и за инвестирање во Црна Гора, Пелагонија како наш регион со голем капаците за развој, кој би можел да се подигне на 20 % БДП, како и поволностите за инвестирање во локалните индустриски зони, особено во зоната „Жабени“ во Битола.

Во презентациите се истакна значењето на промовирањето на нашиот регион и на соработката за членство во ЕУ, како и значењето на трансформацијата на енергетскиот сектор кон зелената економија, кон која се обврзани и двете држави.

На крајот од настанот се одржаа и директни Б2Б-средби меѓу компании од Битолскиот Регион и заинтересирани компании за соработка од Црна Гора.

Патувањето на делегацијата се оствари во рамките на прекуграничниот проект на програмата ИПА за стимулирање зелени вработувања: клучни точки за прекугранични, технолошки и образовни иновации.

м-р Никола Димковски
Регионална канцеларија Битола