РАЗБИЕНА СТИГМАТА ЗА СТРУЧНО ОБРАЗОВАНИЕ ИЛИ...
➢ Актуелно (14.09.2023, во 14:33:00)
👁 Прочитано: 2070



Расте атрактивноста за стручното образование
РАЗБИЕНА СТИГМАТА ЗА СТРУЧНО ОБРАЗОВАНИЕ ИЛИ...Кликни за повеќе

Светот незапирливо се менува под дејство на технолошкиот развој, а кај нас, стигмите кон некои појави и состојби сѐ уште се главните бариери за да одиме напред. Секако стигмата различно се сфаќала во зависност од опшествената клима, но сепак остава голем белег за одредени состојби и појави и е причина на истите да се гледа со презир.

И така, долго време, без сериозна основа, се практикуваше стигмата дека стручното образование е само за послабите и незаинтересирани ученици, што влијаеше да опаѓа интересот за стручното образование и сѐ помал број на ученици да се запишуваат во стручните училишта, а од друга страна да се зголемува јазот помеѓу понудата и побарувачката на вештини.

Но причината за ваквите негативни и неправедни убедувања, Стопанската комора и бизнис заедницата не ја гледаа во учениците кои не се запишуваа, туку во образовните институции кои не овозможуваа флексибилност на образованието да ги следи технолошките промени и да биде релевантно на потребите за вештини и компетенции на бизнис секторот. Соработката со бизнис секторот беше на многу ниско ниво, квалификациите кои се нудеа не беа атрактивни и релевантни на потребите, образовните програми  застарени, а практична обука во компании скоро и да немаше.

Единствениот реален излез беше да се работи на воведување на дуалното образование, како најефикасен начин за поврзување на понудата и на побарувачката на вештини и за полесна транзиција на учениците од училиштето во реалниот работен свет.

За таквиот избор мораше да бидеме свесни дека е потребно многу труд, енергија, човечки ресурси и разбирање од страна на образовните институции. Различен поглед на нештата, носи различни пристапи и може да не однесе во погрешна насока. Затоа активностите беа насочени кон промена на свеста за потребата од ваквиот модел на образование преку соодветна комбинација на теоријата и на праксата на реално работно место во компанија и демистифицирање на  поимот „работа кај работодавач“.

Како и да е, точно, пред шест години, започна дијалогот помеѓу образовните институции и бизнис секторот и кога еднаш ќе се започне со промените, тие мора и да се завршат.  Првиот чекор беше воспоставување квалитетна соработка на образовните институции и бизнис заедницата, разбирање на потребите од двете страни и нивно преточување во образовните програми. Вториот чекор беше заедничка подготовка на програмски документи, стандарди на занимања и на квалификации. Третиот чекор беше промена на уписната политика според реалните потреби за вештини и квалификации. Четвртиот чекор системско уредување на дуалнотобразование.

Кампањата „Учи паметно, работи стручно“ што ја организираше Министерството за образование и наука во соработка со Стопанската комора, а со поддршка на проектот „Образование за вработување„ овозможи чекор напред во зајакнување на соработката на образовните институции со бизнис заедницата и доближување на релевантните  квалификации до младите деветтооделенци.

Уште еден чекор напред беше Дигиталниот саем за стручно образование, кој што две години по ред, го организираше проектот „Образование за вработување“ во соработка со Стопанската комора, со цел  зголемување на атрактивноста на стручното образование, а оваа година со негова организација продолжи Стопанската комора. Идејата беше, на учениците полуматуранти, да им се доближат занимањата и професиите за кои можеби размислувале, но не се одлучни за да се запишат, за оние за кои не знаеле, како и за условите што ги нудат компаниите, но и стручните училишта каде би се запишале. Тоа беше начин да се разбие стигмата „дека во стручното образование се запишуваат само послаби ученици и дека таму се учи за занимања и професии каде се работи мануелно“ .

И денес, не по некое чудо, туку со макотрпна работа, стигмата за стручното образование се распрсна. Две третини или 66,4%, од вкупно запишаните ученици ова учебната година се запишале во стручното образование, додека 29,7%, во гимназиско образование. Мал процент, околу 3,8%, отпаѓа на ученици запишани во уметничкото образование и спортската гимназија. 

Перцепцијата се смени и во поглед на дуалното образование во кое, според последните податоци од Министерството за образование и наука,  од 75 средни стручни училишта, во дуално образование се вклучени 60 училишта, со 259 се дуални паралелки, а бројот на вклучени компании во кои учениците реализираат практична настава од 11 во 2020 година се зголеми на 560 компании. И по редот на нештата, се зголеми и бројот на квалификации за кои се запишуваат учениците. Ако во 2020 година имавме вклучено само 3 квалификации од електротехничкиот сектор во оваа учебна 2023/2024 година имаме вклучено 78 квалификации од 14 сектори.

 

м-р Наташа Јаневска
Проектен менаџер во Стручната служба на Комората